Имено, белгиската полиција вчера приведе три лица во рамки на истрагата поврзана со наводна злоупотреба на средства на Европската Унија, меѓу кои и ректорката на Колеџот на Европа во белгискиот град Бриж и поранешна висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини. Иако, денеска таа и другите двајца осомничени се ослободени, бидејќи не е проценет ризик од бегство, отворањето истрага и обвиненија кои вклучуваат измама во јавните набавки, корупција, судир на интереси и кршење на професионална тајна ја става под сомнеж и историската улога на Могерини во градењето на репутацијата, принципиелноста и веродостојноста на Европската Унија.
Ако таа го сметаше Преспанскиот договор за еден од врвовите во нејзината политичка кариера, самата Европска Унија ѝ го „оспори“ успехот неколку месеци подоцна, кога не ѝ дозволи на Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ во 2018 година, иако таа и нејзиниот тогашен колега од ЕУ, Јоханес Хан беа тие кои ветуваа дека ќе се отворат сите патишта на македонските евроинтеграции.
Откако двајцата беа сведоци и гаранти на потпишувањето на Преспанскиот договор во Нивици, потоа редовно го поздравуваа секој чекор на негово усвојување во Македонија, иако тој беше отфрлен на референдум, односно референдумот за негово прифаќање беше неуспешен. Токму Могерини и Хан со заедничка изјава ја поздравија одлуката на Собранието за пристапување кон измена на Уставот, која беше донесена со гласање, кое остана во аналите на спорните вредности на македонската демократија, со „пресвртот“ во уверувањата на осуммина пратеници за постигнување двотретинско мнозинство.

„Парламентот на поранешната југословенска Република Македонија направи многу важен чекор кон спроведувањето на Преспанскиот договор преку гласањето за започнување на процедурата за уставни измени. Сега очекуваме националните процедури за спроведување на договорот да продолжат без одложувања, кон усвојување на уставните измени”, беше наведено во заедничката изјава на Могерини и Хан, во октомври 2018 година.
Двајцата тогашни европски диломати пишуваа и дека Европската Унија силно го поддржува историскиот договор потпишан од премиерите Заев и Ципрас во јуни, истата година. Тие порачуваа и дека е потребна политичка храброст, водство и одговорност за решавање на еден од најстарите спорови во регионот.
„Оваа одлука беше потврдена со гласањето во парламентот. Ова е навистина единствена можност за решително поместување на земјата напред на патот кон ЕУ, како и за помирување во регионот. ЕУ ќе продолжи да ја поддржува и да ја придружува земјата, сите нејзини граѓани и нејзините институции”, ветуваа во заедничката изјава Могерини и Хан.
Од блискоста на Могерини со тогашните македонски политичари на власт, кои го туркаа според неа „со политичка храброст, водство и одговорност“ Преспанскиот договор, остана во сеќавање и една анегдотска ситуација, кога тогашниот министер за евроинтеграции, Бујар Османи, остана збунет со букет цвеќе в раце, кога таа при пречекот на скопскиот аеродром го одмина брзајќи да се поздрави и прегрне со тогашниот премиер, Зоран Заев.
Италијанката Могерини по функцијата висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика од 2014 до 2019 година, во 2020 беше именувана за ректорка на Колеџот на Европа.
Истрагата за Могерини, во која е вклучена и Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), е поврзана со Дипломатската академија на ЕУ. Станува збор за деветмесечна програма за обука за помлади дипломати на ЕЕАС што врз основа на распишан тендер му е доделена на спроведување на Колеџот на Европа. Конкретната истрага се однесува за обуката во периодот 2021-22 година.
Целта на истрагата е да утврди дали Колеџот на Европа однапред бил информиран за критериумите во тендерската постапка, дури и пред официјалното објавување на тендерот од страна на Европската дипломатска служба.
„Постојат сериозни сомневања дека за време на тендерската постапка е прекршен член 169 од Финансиската регулатива на ЕУ за фер конкуренција и дека доверливи информации за тендерот биле споделени со еден од кандидатите“, соопшти Европското јавно обвинителство.
Преспанскиот договор сепак не се покажа како „единствена можност за решително поместување на Македонија напред на патот кон Европската Унија“, како што ветуваше Могерини. По него ЕУ пронајде други „креативни“ изговори и договори како да го опструира својот процес на проширување, а со тоа и ефективниот почеток на преговорите со Македонија. Иако во политиката не е рационално да се толкуваат нештата со „суеверие“, веста за приведувањето на Могерини во Брисел, во Македонија инстинктивно предизвика реакција – дали ја стигна „клетвата“ на Преспанскиот договор, или на игнорираното цвеќе на Бујар Османи?
Ј.П.






