Тој на прес-конференција ги повикува сите матични лекари кои работат во руралните подрачја, младите доктори кои би сакале да почнат со работат во руралните подрачја, како и кој било заинтересиран, вклучувајќи го и Здружението на приватни лекари – да дадат предлози што треба да се измени во правилата за да ги потикнат лекарите да работат како рурални матични лекари. Предлозите може да ги испратат до 1 ноември на е-пошта: [email protected] .
Посочи дека сите пристигнати предлози ќе бидат разгледани од посебна комисиија задолжена за подготовка на измените и доколку тие се во согласност со законската регулатива, ќе бидат вградени во новиот правилник или ќе послужат како основа на измени на законската регулатива.
На 6 октомври, министерот за здравство ќе го објави пакетот од 12 закони за кои се планира во наредниот период да се направат нивни измени и дополнувања, рече Клековски и додаде дека тоа што Фондот може да го направи е да се олеснат критериумите и да зголеми финансирањето.
„Ако треба друг тип промени, тоа ќе мора да оди преку законски измени. Тоа е посветеноста на фондот за натамошно подобрување на правичната и еднаква здравствена заштита за сите осигуреници и за сите граѓани. Многу набрзо ќе мора да размислуваме за малите места, кои не се дефинирани како рурални. Во Ресен има само тројца матични лекари. Демографската, возрасната структура на матичните лекари е исклучително лоша и за 10 до 15 години ќе имаме сериозна криза во покриеноста. И тоа не е ислучок за Македонија. Неодамна бев на консултација со Светската банка за Западен Балкан. Цела Европа е посебно погодена со криза во примарната здравствена заштита и огромни подрачја остануваат непокриени со примарна здравствена заштита и листите за чекање за базични прегледи се продолжуваат. Ако гледаме дека тоа ќе биде проблем за десеттина години, ние мора сега да дејствуваме, за да не се најдеме во ситуација на 30 до 40 километри да нема доктор достапен за населението“, додаде Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека имаат дотации кои не зависат од бројот на осигуреници и за руралните подрачја има посебно плаќање кое е независно од бројот на осигуреници.
Тој појасни дека една од можностите е понатаму да го либерализаат тој дел, односно да ги зголемат дотациите независно, бидејќи главниот проблем на руралните подрачја е малиот број осигуреници што значи ниска капитација, ниски примања. Вториот проблем, нагласи, е составот на тимовите, бидејќи секаде се бара да има тим за таа работа.
„Треба како стартап да го помогнеме почетокот. Проблем е и тоа што немаме преносливост на амбулантите, условно да кажам. Нашиот систем предвидува постојната амбуланта да згасне, па да почне од почеток што ги обесхрабрува генерациските преноси, бидејќи една од размислите што треба да ги направиме е како ќе се случува ако многумина одат во пензија во следните десет години, како ќе се случува тој генерациски процес на преносот од докторите кои одат во пензија на младите доктори, да има олеснување и таму. Дел од проблемите се лоцирани, но сакаме да бидеме консултативни и партиципативни да ги поканиме луѓето да си кажат што им е потребно, бидејќи тие сепак најдобро ќе знаат. Ова е земено предвид и ќе го разговараме, бидејќи прашањето е финансиско ќе гледаме како да го решиме“, рече Клековски.






