Академик Ќулавкова смета дека таков предлог не би требало да се процесира официјално од македонските државни институции.
„Предлогот за заедничка резолуција на Македонија со Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик, сугериран од г. Антонио Милошоски, ја загрижува македонската научна и културна јавност и во никој случај не би требало да се процесира официјално од македонските државни институции, од повеќе причини:
– Македонскиот јазик има свој историски континуитет и развој, свој дијалектен систем, своја кодификација, свои предкодификации и признанија во текот на многувековната историја и не смее да биде предмет на произволни политички и партиски ставови;
— Македонскиот јазик е признаен од славистиката и во науката за јазикот во меѓународни рамки;
– Македонскиот јазик е признат од ОН уште од самото нивно основање;
– Македонскиот јазик беше и е признаен од две третини, најмалку, од постојните држави во светот;
– Македонскиот јазик е признаен во меѓуанародните асоцијации на писателите (Меѓународен ПЕН и др.)
– Од македонски јазик и на македонски јазик се преведени илјадници книги и автори;
– Македонското јазично прашање е заштитено и со Преспанскиот договор;
– Македонскиот јазик беше официјален државен јазик на Југославија, како и на Македонија и кога беше во составот на федерацијата и од основањето на независна Република Македонија;
– Постојат бројни лекторати за македонски јазик во Европа и светот;
– Македонистиката е ценета научна дисциплина, и тоа никој не го довел во прашање;
Затоа, да се бара од соседна Р. Бугарија да поднесеме заедничка резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање на ноторен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид ‘руски рулет’ за Македонија, крајно неодговорен чин.
Билатералните политички спорови треба да си останат локални, билатерални и политички, а не да им се даде шанса да го загрозат статусот кој веќе е стекнат по сите основи.
Подобро е македонската Влада да ги поддржи како стратешки приоритетни научните проекти за македонскиот јазик на МАНУ, Институтот за македонски јазик и др. институции, да ги стимулира младите да го изучуваат и да се вработуваат соодветно, да ја шири и подобри мрежата на лекторати по македонски јазик и др. и да не дозволи импровизација со политички партии, групации и лоби групи во ЕП“, реагира со своја објава на социјалните мрежи академик Ќулавкова.
Милошоски својот предлог го даде во контекст на претходните политички изјави, дека доколку пречка за македонските евроинтеграции е само внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш не би требало да биде никаков проблем заедно со соседна Бугарија, да поднесеме резолуција која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија.
„Уште веднаш, можеме да поднесеме заедничка резолуција, да ја зацврстиме меѓусебната соработка на овој план и да го решиме проблемот за отпочнувањето на европските интеграции. Понудата која што е дадена од премиерот Мицкоски, е отворена.
Сепак, имаме доза на скептицизам дали ова барање ќе биде прифатено од официјална Софија, бидејќи тоа што го гледаме од страна на источниот сосед, посебно некои нивни владини претставници изгледа како да имаат одредени задни намери. Отворањето на Уставот, изгледа дека за многу владини претставници во Софија, е само почеток на многу други барања и многу други изговори за идни блокади.
Реалноста е дека добар дел од официјалните претставници на Бугарија, работат на негација на македонскиот идентитет и јазик, нешто слично како што Русија ја негира самобитноста на украинскиот јазик и посебноста на украинскиот народ“, беше наведено во предлогот што го изнесе Милошоски во Собранието.






