четврток, 29 мај 2025

КЈП Водовод на Кочани не ги наплаќало своите побарувања и западнало во долг од 3 милиони евра

Неодамна избраниот в.д. градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, на социјалните мрежи известува за предизвиците со кои се соочил, поради недомаќинското работење на градското комунално јавно претпријатие Водовод, кое за три и пол години направило долгови од 3 милиони евра.

Објавено на

часот

Сподели

„Должен сум да работам транспарентно. Ве известувам за состојбата во која е затекнат КЈП Водовод-Кочани, кое за 3 години има направено долг од 3.000.000 евра! Претпријатието е доведено во ваква лоша финаниска и оперативна состојба поради недомаќинско работење. Најмногу во последните три години и шест месеци, каде што се сменија пет директори и настанаа целиот долг, блокади, проблеми со водоснабдување, проблеми со возен парк и кадровски проблеми. Денеска поднесов писмено барање, поради сомнеж на евентуални злоупотреби. Од одговорот и реакцијата ќе одлучам за понатамошни чекори. Во консултација и соработка со новиот директор почнуваме да ги менуваме работите“, напиша в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски.

Во прилог на објавата, тој го пренесува и своето писмо до јавното претпријатие Водовод, со кое бара да се информира за состојбите и тековното работење во него.  Крстевски наведува дека на своите прашања секој ден добивал различни одговори во однос на побарувањата што ги има претпријатието.

На 6 мај 2025, градоначалникот го добил на увид решението за издавање нотарски платен налог, од 2022 година, во вкупен износ од 2.087.377 денари (околу 33,7 илјади евра), за кое од правната служба на претпријатието добил одговор дека не била вложена жалба, што значи дека решението е правосилно. Сепак, како што вели Крстевски „целата постапка од нејасни причини е запрена и решението не е дадено на извршување, ниту е склучена спогодба за начинот на плаќање“.

„КЈП Водовод не се грижи за наплата на своите побарувања, истото е блокирано од доверители, ставено во рамка од суд за плаќање на обврски за кои доверителите ќе побаруваат и камата, бара гаранција од Општината за плаќање на струја кон доверителите на рати…“, се наведува во писмото на градоначалникот на Кочани до ЈКП Водовод.

Како прв чекор за решавање на затекнатата состојба, градоначалникот бара да му бидат доставени во рок од три дена копии од решенија за извршување, како и копија од картички на сите правни лица кои ги немаат подмирено обврските кон КЈП Водовод.

„Општина Кочани од овие причини ќе ангажира приватна ревизорска фирма, со акцент на овие проблеми и зависно од ревизорскиот извештај, доколку има елементи, ќе покрене кривична постапка за несовесно работење, злоупотреба на службена положба, евентуално застарување на побарување, финансиско оштетување на КЈП Водовод“, се вели во дописот на в.д. градоначалникот на Кочани.

Венко Крстевски беше избран да ја извршува должноста на градоначалник на Кочани, откако Љупчо Папазов поднесе неотповиклива оставка од оваа функција по пожарот во дискотеката Пулс, од 16 март во овој град, од кој животот го загубија 62 лица, а околу 200 се повредени. Папазов е еден од осомничените за одговорност за пожарот во дискотеката.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ