Кјобе посочува дека Народната банка покажала отпорност во справувањето со предизвиците како што беше растот на цената на енергенските по руската инвазија на Украина. Сепак, како што нагласува, борбата против инфлацијата треба да продолжи се додека не почне одржливо да се намалува, поддржана од намалувањето на светските цени на храната и енерегијата и ублажувањето на базичната инфлација.
„НБРСМ покажа отпорност во справувањето со предизвиците, како што е на пример шокот од растот на цената на енергентите по руската инвазија на Украина. Како одговор на инфлацијата којашто се искачи на високи речиси 20 проценти во 2022 година, НБРСМ донесе непоколебливи одлуки за зголемување на каматните стапки, со што ги закотви инфлациските очекувања. До август 2024 година, инфлацијата се намали на 2,2 проценти, благодарение на ефикасноста на монетарното затегнување и намалувањето на светските цени на примарните производи. Од септември 2024 година, Народната банка започна со внимателно нормализирање на монетарната политика, следејќи ја Европската централна банка“, посочува Кјобе во интервју за МИА.
Во однос на банкарскиот сектор, Кјобе оценува дека тој е стабилен и отпорен на шокови и дека има историски највисоки стапки на адекватност на капиталот и стабилни стапки на ликвидност коишто се особено важни за обезбедување стабилност во услови на глобални и регионални предизвици.
„Нефункционалните кредити се на историски најниското ниво (од 2,6 проценти) и се добро покриени со резервации, со што се намалуваат ризиците за билансите на банките. Профитабилноста е солидна, а стрес-тестовите спроведени од централната банка потврдуваат дека банкарскиот сектор во целина е отпорен на серија неповолни сценарија“, посочува шефицата на ММФ во земјава.
За независноста на централната банка, Кјобе вели дека тоа е клучен елемент за ефикасна монетарна политика.
„Меѓународниот монетарен фонд постојано нагласува дека независноста на централната банка е клучот за ефикасна монетарна политика, вели Кјобе. За неа, независноста зависи и од институционалните и од оперативните аспекти коишто се суштински за централната банка да може да функционира без мешање од надворешните фактори. Поставеноста на монетарната политика на НБРСМ е стабилна и ефикасна во одржувањето на стабилноста на девизниот курс и контролата на инфлацијата, како што се наведува и во неодамнешната мисија на ММФ за процена на заштитните механизми во која се истакнуваат нејзината силна институционална и оперативна независност, доброто управување и солидната финансиска рамка и рамката за управување со ризиците. Покрај тоа, механизмите за комуникација и отчетност на централната банка, практиките за транспарентност и оперативната автономија се во согласност со меѓународните стандарди, што се потврдува и со високите оценки за централната банки во Извештајот за оценувањето според Кодексот на транспарентност на централните банки на ММФ за 2022 година. Во нашиот извештај објавен неодамна ја нагласивме важноста на оперативната и финансиската автономија на НБРСМ како поткрепа на нејзината независност и кредибилитет – обете од суштинско значење за одржувањето на стабилноста на цените и девизниот курс, коишто мора да бидат заштитени“, вели Кјобе.
Членството на Македонија во СЕПА од март 2025 година, за Кјобе претставува извонреден чекор за земја којашто не е членка на ЕУ и на единствениот пазар на ЕУ.
„Тоа го одразува успехот на Народната банка во усогласувањето на нејзината законска и регулативна рамка со стандардите на ЕУ, што е потврдено и од Европскиот совет за плаќања. Сложениот и интензивен процес на пристапување кон СЕПА, којшто вклучува пополнување детално барање за членство, измени на Законот за платни системи, подобрени мерки против перење пари и техничко усогласување со шемите за плаќање во СЕПА до октомври 2025 година, ја истакнува посветеноста на централната банка кон поставување високи регулативни стандарди. Овие реформи го зголемуваат кредибилитетот на финансискиот систем на Северна Македонија и ја поставуваат земјава како лидер во регионот на Западен Балкан во однос на финансиската интеграција. Тоа претставува способност за трансформација на многу нивоа, со што се поддржува економската амбиција на земјата. Членството во СЕПА ќе овозможи побрзи, поевтини и побезбедни прекугранични плаќања во евра, што е исклучително важно за отворена економија со високи приливи на дознаки од странство. Со ова ќе се намалат трансакциските трошоци, ќе се подобри ликвидноста и ќе се зголеми конкурентноста, од што ќе имаат корист граѓаните, компаниите и дијаспората“, вели Кјобе.
За неодамнешните трендови во глобалната трговија и протекционизмот, Кјобе вели дека ММФ предвидува дека значителното зголемување на царините би можело нагло да го забави светскиот раст, со надолно ревидирање на проекциите на 2,8 проценти за 2024 година и 3 проценти за 2025 година ‒ вкупно намалување од 0,8 процентни поени во споредба со претходните прогнози.
„Ваквото зголемување на царинските давачки претставува ризик од нарушување на светските синџири на снабдување, ограничување на обемот на трговијата и дестимулирање на деловните инвестиции. Ефектите ќе се разликуваат од земја до земја во зависност од трговската изложеност, иако некои може да имаат корист од пренасочувањето на трговијата ‒ пренасочување на трговската размена бидејќи царинските давачки го пренасочуваат увозот кон партнери коишто се помалку погодени од оваа мерка или воопшто не се погодени. Пошироките ризици вклучуваат одмазднички царини, коишто би можеле да ескалираат во целосни трговски војни, притоа дестабилизирајќи ги меѓународните односи. Со текот на времето, намалената конкуренција од заштитените пазари може да ги намали иновациите и да поттикне напори за максимизирање на индивидуалните придобивки, без да се води сметка за користа за целокупната економија, притоа нарушувајќи ја продуктивноста. Комбинацијата на овие предизвици претставува несигурност во однос на трговската политика, што заедно со нестабилноста на финансиските пазари може дополнително да ја поткопа довербата на инвеститорите. Компаниите може да ги одложат капиталните расходи или да го префрлат работењето за да се заштитат од непредвидливите трговски правила, притоа засилувајќи го притисокот врз светскиот раст. Иако пренасочувањето на трговијата нуди одредено ограничено олеснување за некои економии, сепак не успева да ги надомести системските загуби, бидејќи реорганизираните синџири на снабдување честопати доведуваат до неефикасност. Што се однесува до Македонија, очекуваме ограничено директно влијание на царините врз трговијата, бидејќи учеството на извозот во Соединетите Американски Држави изнесува само 1,4 проценти од вкупниот проектиран извоз на стоки во 2024 година (сепак, ова ќе зависи од конечното ниво на царини и ефектите од пренасочувањето на трговијата). Сепак, индиректните ефекти преку изложеноста на Северна Македонија кон Европската Унија, особено Германија, би можеле да бидат позначителни. Околу 60 проценти од извозот на Северна Македонија е наменет за ЕУ, при што околу 40 проценти од вкупниот извоз е наменет само за Германија. Општо земено, Северна Македонија и понатаму е чувствителна на промените во светските трговски шеми поради нејзината релативно висока трговска отвореност, со извоз на стоки проектиран на околу 44 проценти од БДП во 2024 година, односно на околу 63 отсто проценти заедно со услугите“, вели Кјобе.