„Работната група ќе работи на измени и дополнувања на повеќе закони, меѓу кои: Законот за полициски овластувања, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, Законот за социјална заштита, Законот за правда на децата, Законот за бесплатна правна помош, Законот за кривична постапка, Законот за парнична постапка и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство“ соопшти Министерствотото за социјална политика.
На работната средба присуствуваа заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Членовите на работната група се номинирани претставници од релевантни институции и граѓански организации, меѓу кои: Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за правда, невладиниот сектор, надлежните судови, Јавното обвинителство, претставници од академската заедница и од Собранието. Во работата на групата се вклучени и надворешни соработници од меѓународниот сектор.
На состанокот е заклучено секоја институција до следната средба да достави конкретни предлози за законски измени, како и измени на подзаконски акти, правилници и протоколи, согласно утврдените потреби.
Како што наведуваат од Министерството, целта е да се обезбеди поефикасна практична примена на законските решенија и дополнително да се зајакнат механизмите за спречување на насилството и заштита на жртвите од родово базирано и семејно насилство.
Состанокот се одржа согласно заклучокот донесен на итната седница на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.






