По одлуките на Уставниот суд да се укинат одредби поврзани со прагот за собирање потписи за независни листи и вчерашниот неуспех оваа празнина да се реши во законодавниот дом, вечерва ДИК ќе се обиде да најде решение за оваа празнина во Изборниот законик.
Од СДСМ жалат што се пропуштила шансата да се обезбеди изборна рамка која е фер, праведна и прифатлива за сите.
„Направивме координација и сите партии освен ДУИ поддржаа 0,5 за независните. Се ризикува изборите да се претворат во хаос. Мора многу внимателно да се разгледаат сите правни аспекти. Жалиме што се пропушти шансата да се стави рамка која беше добра и прифатлива за сите“, изјави денеска Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат направиле сѐ што било до нив, но ДУИ решиле да го блокираат процесот.
„Во однос на правните нерегуларности поднесовме предлог измени на изборниот законик, за намалување на прагот од 0,95 % кој потоа беше дополнително намален на 0,5 % и прифатен од наша страна и коалицијата . Но, проблемот е во тоа што ДУИ е исплашен од пораз на следните избори и од страв не ги поддржа измените на изборниот законик“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Првото толкување на ДИК по решението на Уставниот суд беше дека нема да има услов за каков било праг за учество на локалните избори. Ова значи без собирање потписи. Неуспехот на вчерашната собраниска седница оваа неизвесност само ја продолжи.
Ова може навистина да ги зголеми апетитите на сите сериозни и несериозни лица кои ќе можат да ги претворат овие локални избори во хаотичен циркус.
Сега ДИК треба да го прецизира начинот на кој ќе се поднесуваат независните листи од група избирачи или поединци.
А.Д.






