Договорите за подзаем и грант помеѓу општините и Министерството за финансии во рамки на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор ги потпишаа градоначалниците на овие локални самоуправи и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Со Општина Кисела Вода беше потпишан Договорот за подзаем и грант за имплементација на подпроектот во општина Кисела Вода со кој ќе се изврши реконструкција и спроведување на мерки за енергетска ефикасност во ПОУ „Рајко Жинзифов“, односно предвидена е реконструкција на ООУ „Рајко Жинзифов“, со фокус на енергетската ефикасност.
Во Општина Центар со Договорот за подзаем и грант ќе се спроведе енергетски ефикасна реконструкција на објектот на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – првото основно училиште во земјава, формирано во 1836 година.
Исто така, во Општина Могила Договорот за подзаем и грант опфаќа спроведување мерки за енергетска ефикасност во три објекти од јавниот сектор, односно ООУ „Браќа Миладиновци“ – село Добрушево, ООУ „Кочо Рацин“ – село Ивањевци и спортска сала „Иљо Лопатички“ во Могила.
„Реализацијата на проектите во овие општини е во рамки на првата компонента од Проектот којашто опфаќа енергетски ефикасни инвестиции во општините, за која се обезбедени 8,2 милиони евра. Покрај ова, во оваа компонента се предвидени и енергетски ефикасни инвестиции во објекти на централната власт во износ од 9,21 милиони евра“, информираат од Министерството за финансии.
Целта на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор е намалување на потрошувачката на енергија и поддршка за воспоставување и операционализација на одржлив механизам за финансирање на енергетска ефикасност во јавниот сектор






