понеделник, 9 јуни 2025
Честитки од државниот врв по повод 24 Мај - Денот на сесловенските просветители

Кирил и Методиј ни го оставија најголемиот подарок — писмото, словото, гласот на нашиот идентитет

Чествување на браќата Кирил и Методиј кои се темелот на писменоста на словенските народи и основачи на словенската азбука Глаголица по која се создаде и кирилското писмо, е доказ дека нивната благородна мисија и ден денес обединува. Браќата Кирил и Методиј уште тогаш ја промовирале визијата дека силата на еден народ и држава е во образованието и науката и неговата писменост. И токму благодарение на нивната духовност, посветеност, денеска и ние можеме да ја развиваме сопствената култура, образование и наука на мајчиниот јазик, пишува премиерот Христијан Мицкоски во честитката по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Честитки по повод празникот упатија и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерката за образование Весна јаневска како и претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.

Објавено на

часот

Сподели

„Нашата заложба е преку образованието кое е темелот за опстанокот и развој на една држава да создаваме идни генерации кои ќе продолжат да ги негуваат вредностите на Македонија. Овие двајца браќа, благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок — писмото, словото, гласот на нашиот идентитет. Таа борба за право на свој глас, право на своја духовност, е основата на нашата вековна борба за самостојност, идентитет, и национално достоинство. Нивната мисија продолжува преку секој ученик што учи да чита, секој писател што твори, секој наставник што пренесува знаење. Тие не се само минато — тие се вековен мост кон иднината“, вели Мицкоски во честитката.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во која порачува да се чува нивниот спомен и преку нивните дела да ја зацврстиме заложбата за градење на општество засновано на знаење, меѓусебно почитување и достоинство.

„Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност. Светите Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел што продолжува да го потпира нашиот идентитет и до ден денес. Преку нивната посветеност и визија, го отворија патот кон писменоста и учењето на сопствен јазик – дар што омоќни многу генерации и го зачува нашиот глас низ вековите. Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив“, вели Сиљановска-Давкова во честитката.

Собранискиот претседател Африм Гаши го честита Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, нагласувајќи дека празникот „нè потсетува на големината на мисијата на сесловенските просветителски браќа, кои преку создавањето на глаголицата и ширењето на писменоста, оставиле длабока трага во историјата на словенските народи.

„Како Собрание, остануваме посветени на унапредувањето на образованието, културата и јазичната разноликост, како суштински вредности на едно демократско и напредно општество. На сите им посакувам празник исполнет со почит кон словенското просветителско наследство и инспирација за нови знаења и духовен напредок“, се наведува во честитката на Гаши.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска упати честитка по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во која порачува дека живо е словото и делото на браќата Кирил и Методиј, ги надминува вековите и границите и е инспирација за генерациите.

„На темелите што ги поставија продолжува да се гради нашата литература и култура. И сега не е ништо помала потребата за длабоко разбирање, мудрост или интелектуално будење на сите нас, нивните наследници. Денес, кога го славиме Денот на големите словенски браќа, со дигнитет се потсетуваме на нивното спротивставување на диктатот на тогашните моќни и на нивната борба да го просветлат својот народ, давајќи му писмо и знаења на разбирлив јазик. Ваква духовна мисија денес имаат сите наши учители – да им дадат на младите знаења, вештини и да ги оспособат за рамноправен натпревар во свет кој секојдневно се менува и развива“, вели Јаневска во честитката.

Како Министерство за образование и наука, како што се посочува во честитката, наша задача е да им помогнеме на сегашните учители во нивната мисија.

„И со посветеност тоа го правиме. Ова е време за образование кое младите ќе ги научи и обучи за новите предизвици, не заборавајќи ги вредностите на вековното наследство. Училиштата да бидат простор каде што коегзистираат науката, технологијата и се негува историската меморија. Честит нека е 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј“, посочува Јаневска во честитката.

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче упати честитка по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во која истакнува дека тие не се само симбол на духовноста и писменоста кај словенските народи, туку и темел на нашиот македонски идентитет, јазик и култура.

„Нивното дело е вкоренето во националната и културната историја на нашата држава. Нивната мисија не била само образовна, туку била и визија за еднаквост, за почитување на различноста и за напредок преку образование и знаење. Создавајќи ја првата азбука – глаголицата, продолжена од нивните следбеници, меѓу кои и Свети Климент Охридски, била создадена кирилицата, која е основата за стандардизација на македонскиот јазик и писмо. Ние, и сите идни генерации, имаме обврска да го почитуваме и негуваме наследството кое Светите Кирил и Методиј ни го оставија. И горди сме што покажавме дека се грижиме за нашето културно наследство, за нашиот македонски јазик. Во периодот на владите на СДСМ беа донесени храбри и државнички одлуки, благодарение на кои денес македонскиот јазик е признат и рамноправен во Обединетите Нации и во Европската Унија“, вели Филипче во честитката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ