понеделник, 8 декември 2025

Кедев: Не може да има профит во здравството, одвојуваме доволно средства за да имаме бесплатно здравство

Стојам комплетно зад тоа што го кажав во врска со злоупотребите при кардиохируршки интервенции. Тоа го имам кажувано многупати и порано, пред други здравствени авторитети. Овој пат покрена лавина на реакции, јавноста многу се наелектризира, што е исправно. Основната моја мотивација за сето ова е да расчистиме со неправилностите таму каде што можеме, изјави кардиологот Сашко Кедев, кој недамна излезе јавно со тврдења дека се прават непотребни операции и стентирања, по што беше формирана комисија од домашни и странски експерти која треба да утврди дали имало злоупотреби.

Објавено на

часот

Сподели

Во синоќешното гостување во емисијата „Вечерното шуо со Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа, Кедев оцени дека овој пат здравствениот систем реагираше соодветно, формирана е комисија која ги анализира случаите што до Министерството за здравство ги доставија лекари од Клиниката за кардиологија и Државната кардиохирургија. Целта, според него, е да се воведе соодветна контрола и да се подобри здравствениот систем во кој, како што посочи, сега најмногу се вложува.

„Сведоци сме на невидено инвестирање во здравството. Во моментов има досега највисок буџет за здравство, но за жал не можеме да ги видиме бенефитите од тоа. Суштината е да се воведе контрола во здравствениот систем што ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните и да се спречат неправилностите. Тие неправилности не се од сега, датираат многу години наназад. Јас сум ги отворал многу пати, но никогаш не сум наидувал на поддршка. Овој пат има огромна поддршка и од јавноста и од институциите, што е многу позитивно. Сегашниот министер за здравство е најмалку инволвиран во ова и воопшто нема врска со овие работи. Се надевам дека формирањето на комисијата од домашни експерти во рамки на МЗ, меѓународната комисија и Лекарската комора, ќе дадат голем придонес да се расчисти сето ова, јас сум оптимист и мислам дека ќе направиме позитивен импакт во оваа сфера“, рече Кедев.

Смета дека треба да се направат соодветни проверки и во јавното и во приватното здравство, а потоа наодите на комисијата да бидат евалуирани од меѓународни експерти.

„Мислам дека сме на добар пат. Најважно е да ја воведеме контролата и да го подобриме системот, а ова да биде иницијален стимул за тоа“, вели Кедев.

Нагласи дека сознанија што ги изнесе пред јавноста и се доставени до МЗ не се само негови, туку тоа се искуства од 16 лекари експерти, интервентни кардиолози и кардиохирурзи.

„Можеби најмалку од овие случаи дошле во контакт со мене директно, најголем дел индиректно, кај колеги кои ме консултирале. Заеднички сме констатирале неправилности. Нашата професија е егзактна и лесно е да се види дали има или нема потреба од нешто. Често работиме во сива зона – кога може, но и не мора да се направи нешто. Суштината е, според медицински базирани докази, многу често не треба да се прави ништо, треба да се применува конзервативен пристап, пациентите да се советуваат за соодветен животен стил, здрава исхрана и оптимална медикаментозна терапија под контрола на лекар специјалист. Сигурно има случаи каде е неопходен најагресивен кардиохируршки третман, но треба да имаме систем кога ќе му го препорачаме тоа на пациентот, тоа да е најдоброто нешто за него“, истакна Кедев.

За тоа дали е можно да се докажат злоупотребите, тој посочува дека „има сива зона, но има и сигурна зона каде што се знае дека не мора ништо да се прави и тоа е цврсто докажливо со документацијата што ја имаат“.

„Треба да се направи дистинкција во однос на неправилностите. Има сива зона во која може и едно и друго. Но, имаме и зона во која знааеме дека не треба ништо да се прави и тоа многу цврсто е докажливо со документацијата што ја имаме. Работиме со ангиографски филмови, целата процедура се снима и тие докази може да ги евалуираат само компетентни експерти – интервентен кардиолог или кардиохирург“, вели Кедев.

Нашата интенција не е само приватните болници да се контролираат, туку и јавното здравство зашто и таму има голема пролиферација на непотребни интервенции, непотребни стентирања и тоа е многу лесно докажливо, вели кардиологот Сашко Кедев, кој заедно со уште десетина негови колеги јавно излегоа и доставија медицинска документација до Министерството за здравство за случаи на непотребни кардиохируршки интеревенции.

„Се прави сè и сешто без никаква контрола, и во центрите во чие создавање сум учествувал. Се надевам дека со контрола ќе се отстранат овие неправилности, ќе се заштитат пациентите од непотребни процедури. Треба и приватното и јаното здравство да бидат субјект на контрола и нема ништо лошо во тоа. Меѓутоа, потребна е реална контрола. Не ни треба административно-правна, туку експертска контрола. Со тоа сигурен сум дека многу финансиски средства ќе се насочат кон реално подобрување на здравствените услуги, а одвојуваме доволно средства за да имаме бесплатно здравство“, изјави Кедев во синоќешното гостување во емисијата „Вечерното шуо со Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа.

Смета дека е оправдано да има приватни болници и што се овозможи да заживее кардиохирургијата во земјава во 2000 година, но контрола мора да има.

„Тогашниот директор на ФЗО, Војо Михајловски кој беше вклучен во отворањето на кардиохирургијата, не плаќаше ниту една интервенција без да има пет потписи и конзилијарно мислење од инвазивни кардиолози или кардиохирурзи. Ако ја имаме таа контрола ќе се овозможи приватните да работат како што треба, да нема злоупотреби, а во јавните да нема непотребни стентирања и непотребни интервенции“, изјави Кедев.

Според него, треба да се заострат критериумите не само за интервенциите туку и за снимањата, зашто, како што посочува, секое снимање го зголемува ризикот од малигни заболувања. Често има потреба, но има и многу т.н. превентивни снимања без соодветна индикација.

За тоа како да се воспостави контролата, Кедев смета дека не треба да се затвораат приватни институции, туку да се воведе соодветна контрола и да се обезбеди сигурност и мир кај граѓаните.

„Не може да има профит во здравството, а ако го има тој не е на реални пациенти, бидејќи оние кои реално одат на хируршки интервенции, тие интервенции се скапи и тука не може да има профит. Пациентите треба да имаат право на избор, но државата мора да контролира. Тука е ФЗО кој плаќа, а второ е МЗ кое дава дозвола да се отвори некоја здравствена установа и должни се да вршат контроли“, посочи Кедев.

Решавањето на проблемите во здравството, според него, не е поврзано со политика, туку со експертиза.

Проблем, како што вели, е и заминувањето во приватните болници на кадарот кој се формира во јавното здравство и во кој државата вложувала во неговата едукација. Забележува и на зачестеното рекламирање на здравствени третмани, услуги и средства, кои можеби не се покриени со закон, наместо да се промовира здрав начин на живот.

Доктор Кедев советува превентива, едукација на пациентите и здрав начин на живот за да не дојде до здравствени компликации, особено на кардиоваскуларнииот систем, кои се главна причина за смрт кај нас и во светот. Потребна е и едукација кога треба да се прават превентивни прегледи, преку кои, како што наведе, многу често се „ловат“ пациенти и се индицираат инвазивни процедури кои не се потребни.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ