сабота, 20 декември 2025

Католичка црква: Мајка Тереза е светица која не заслужува вандалски однос кон неа

Католичката црква во Македонија изразува жалење за недостојниот и навредлив чин со кој на муралот на света Мајка Тереза, поставен на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, е додадена марама на нејзиниот лик. Со оваа постапка се повредуваат верските чувства на верниците почитувачите на делото на светицата, се наведува во реакцијата на Католичката црква откако викендов беше вандализиран муралот на светицата Мајка Тереза.

 

Фото: Социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Католичката црква ваквата постапка ја смета за навреда за верските чувства на верниците и почитувачите на делото на светицата, потсетувајќи на нејзиното значење за Скопје, Македонија и светот, но и на важноста од почитување на верските чувства како темелен принцип на секое демократско општество.

„Потсетуваме дека Света Мајка Тереза е светица на Католичката црква, родена во Скопје, почесна граѓанка на овој град и граѓанка на светот. Со својот живот посветен на сиромашните и болните, со својата едноставност, понизност и љубов, ја направи Македонија и Скопје препознатлива во светот и пример за почит кон другиот. После големиот настан што се случи на 28 септември 2025 година за сиот македонски народ со осветувањето на храмот Свети Константин и Елена кој се наоѓа во непосредна близина на Спомен куќата на Света Мајка Тереза, се прашуваме, зарем нашата светица заслужи ваков однос од дел од своите сограѓани?“, велат од Католичката црква.

Според цркавата, почитта кон верските чувства е основен елемент на секое демократско општество. Грижата за нив е одговорност на сите граѓани, а воедно ја отсликува и демократската зрелост кај поединци и групи, нивната подготвеност за соживот и прифаќање на различните.

„Слободата на уметничкото изразување и јавната дебата се драгоцени вредности, но тие треба да се остваруваат со почит кон достоинството на другите и кон она што е свето за една заедница. Затоа недозволиво е светите ликови, како света Мајка Тереза, да бидат инструментализирани или злоупотребувани за било какви цели. Католичката црква се приклучува кон сите добронамерни граѓани кои веќе реагираа и го осудија ваквиот срамен чин и апелираме до целата македонска јавност на поголема свесност за значењето на светците, светите простори и другите свети работи, како и вредностите во општеството што ги застапуваат Црквите и верските заедници. Во таа насока, ги повикуваме надлежните институции да преземат соодветни мерки, да ги заштитат верските чувства на граѓаните и во иднина да ги превенираат ваквите појави. Во исто време изразуваме благодарност до сите луѓе на изразената загриженост и поддршка која ја упатија до црквата“, се наведува во реакцијата на Католичката црква во Македонија.

Засега непознати сторители, викендов, најверојатно во ноќните часови марама преку устата и ликот на светата Мајка Тереза. Се работи за марама со детали од уличната урбана култура.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ