Дополнително, до Секторот за контрола и надзор при Агенцијата за катастар биле поднесени 577 претставки, од кои 556, односно 96,4 проценти, се целосно обработени и затворени.
Во делот на графичкиот регистар на градежно земјиште, примени се 3.878 предмети, од кои 3.863, односно 99,6 проценти, се успешно решени, што укажува на високо ниво на ефикасност и ажурност.
Во 2025 година преку електронскиот систем е-Влада до Агенцијата за катастар се доставени вкупно 416 барања за мислења и се одговорени во целост, со што процентот на реализација на овој вид на барања е 100 проценти.
„Една од клучните заложби на раководството беше и системското намалување на заостанатите предмети, како и навремено постапување по новопристигнатите барања. Во таа насока, бројот на нерешени тековни предмети е намален за 47,4 проценти, додека бројот на тековно примени предмети во 2025 година е зголемен за 8 порценти, во споредба со 2024 година“, информира Агенцијата за катастар на недвижности.
Според директорот на АКН, Иван Живковски, поставените цели за 2025 година се реализирани, а бројките се најдобар доказ за тоа. Во објава на социјалните мрежи тој најави дека и во наредниот период агенцијата ќе продолжи со интензивна дигитализација, унапредување на услугите и зголемување на транспарентноста.
„Овие резултати се јасен показател за подобрената организација, засилената контрола и зголемената ефикасност во работењето на Агенцијата за катастар на недвижности, со јасна цел – побрзи, поквалитетни и транспарентни услуги за граѓаните“, истакна Живковски.






