Истражувањата покажуваат дека хроничниот стрес на високи позиции ја зголемува веројатноста за срцев удар за 40%, дури и кај луѓе без други ризик фактори. Високото ниво на стрес, во комбинација со долгите работни часови, неправилниот режим на одмор и недостатокот на физичка активност ја ставаат групата на стопанственици, претприемачи и менаџери помеѓу критичните групи за ризикот од срцева слабост. Како претставници на бизнисот, ние имаме и поширока општествена задача, но и одговорност – да придонесуваме кон јавното здравје и да работиме на подигање на свеста за важноста на превенцијата, велат од Стопанската комора на Македонија.
„Затоа, кога пред повеќе од цела година д-р Тања Анѓушева и проф. д-р Јорго Костов ми се обратија со идејата како Стопанска комора да ја поддржиме идејата за воспоставување на некаква форма на континуирана едукација на кардиолозите и средниот медицински персонал за дијагностика и менаџирање на пациентите со срцева слабост, немав никаква дилема дека треба со сите напори да ја поддржиме иницијативата“, вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.
На настанот свои обраќања ќе имаат и Томас Лушер, еден од програмските директорите на Школата, кој е директор за истражување, едукација и развој и консултант кардиолог во Кралскиот болнички фонд Бромптон и Харфилд, професор по кардиологија на Империјал колеџот во Лондон, и водечки професионален во Европското здружение по кардиологија, како и Марко Метра, претседател на Асоцијацијата за срцева слабост на Европското кардиолошко здружение, редовен професор по кардиологија на Одделот за медицински и хируршки специјалности, радиолошки науки и јавно здравје на Универзитетот во Бреша и директор на Институтот за кардиологија на Граѓанската болница и Универзитетот во Бреша.
„Зошто е ова важно за стопанствениците? Ние ја претставуваме една од критичните групи за ризикот од срцева слабост. Затоа, во рамки на Школата ќе организираме посебна работилница за бизнис заедницата, на која менаџерите ќе имаат можност за дискусија со водечките кардиолози од Европа и директна интеракција/консултации со нив за превенцијата на кардиоваскуларни заболувања. Ова не го правиме само за општото јавно здравје, го правиме за здравјето за секоја од нашите компании. Превенцијата за здравствените прашања е истото како и предвидливоста за важните бизнис одлуки – клучен дел во работењето на секоја успешна компанија“, вели Азески.






