Во дебатата Каранфилова Пановска посочи дека денешната посета на претседателот на Европскиот совет е уште еден индикатор дека Европската Унија навистина вложува напори и праќа сигнали дека Македонија треба да се придвижи на патот кон европската интеграција.
„Изјавата на г-динот Кошта беше прилично прецизна, би рекла и прилично доследна на она што беа и претходни изјави од високи претставници на Европската Унија. Тој кажа дека тоа што е договорено е договорено и дека сега ние имаме обврска да испорачаме по договореното. Ако се контекстуализира наративот, може да се прочита дека практично тоа што е договорено со преговарачката рамка го утврдува патот, но воедно ги утврдува и гаранциите“, рече Каранфилова Пановска.
Во дебатата, Каранфилова Пановска посочи дека премиерот Мицкоски со својата денешна изјава покажува дека владејачкото мнозинство нема намера да го одблокира евроинтеграцискиот процес. Таа нагласи дека европскиот пат е блокиран, додавајќи дека СДСМ ќе го поддржи сè она што ќе значи подобра преговарачка позиција.
„Ние сите овие месеци наназад повторуваме и кажуваме дека апсолутно стоиме зад поддршка на сè она што Владата ќе успее да го обезбеди како подобра преговарачка позиција во овој процес. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе поддржи било каков предлог во таа насока, но тоа што е реалност е дека такво нешто не се случува“, рече Каранфилова Пановска.
Притоа, Каранфилова Пановска посочи дека СДСМ во својот владин мандат секогаш упатувала покани до ВМРО-ДПМНЕ како опозиција за вклучување во ЕУ-процесот. Таа додаде дека кога се во прашање стратешките интереси на државата и граѓаните, треба да има заеднички дијалог.
„Во 2021 година, на иницијатива на тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ во Собранието како владејачко мнозинство ја поддржа резолуцијата со којашто исто така беа дефинирани црвените линии. Апсолутно се неоправдани обвинувањата дека на тогашната опозиција не ѝ било дозволено да биде дел од процесот. Би било нефер да се каже дека СДСМ продолжил со евроинтеграциите, загрозувајќи го или ризикувајќи го идентитетот. Македонскиот идентитет денеска е признаен и заштитен“, рече Каранфилова Пановска, додавајќи дека СДСМ и сега како опозиција подава рака, во интерес на граѓаните и напредокот на државата, овој процес да се води заеднички.
Покрај автопатот и брзата траса кон ЕУ по којашто неминовно ќе се движат и Албанија и Црна Гора, веројатно и Молдавија, нам ни отвора прашања како држава и како граѓани со која гордост и со која перспектива ќе одиме пред нашите млади генерации, потенцираше Каранфилова Пановска во дебатата на 24 Телевизија.
Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во истата емисија даде сосема спротивна перспектива на гледиштето за пораките на Кошта од заменичката претседател на СДСМ.
Милошоски прецизно и јасно објасни зошто Македонија се наоѓа во ситуација на блокирани преговори, објаснувајќи дека СДСМ и покрај сите противења на пратениците и граѓаните ги погазиле нивните барања и го прифатиле она кое не можеле да го испорачат.
„Се наоѓаме во ситуација на блокирани преговори, токму благодарение на политиките на Бујар Османи, на Димитар Ковачевски, Артан Груби и на Зоран Заев. Овие луѓе пред пет години тврдеа дека Македонија отпочнала преговори за членство, со една фотографија од владиниот авион. Зоран Заев од една конференција во Атина даде изјава дека спорот со Бугарија, му изгледа смешен и национален, за потоа истата партија и истите луѓе да го прифатат тоа што 80 отсто од Македонците не го прифаќаа. И да го прифатат тоа што не можеа да го испорачат, уставните измени по барање на Бугарија. Иако истата политичка партија организираше и референдум којшто вклучуваше и прашање за членството во ЕУ затоа според мене изјавите на претседателот на Европскиот совет не се изненадување“, објасни Милошоски.
Пратеникот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ предупредувала на негативните ефекти од потпишувањето на договорот за добрососедство и дека сега Владата се бори да го најде најдоброто решение.
„Навремено предупредувавме дека и потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија во 2017, и прифаќањето на францускиот предлог не се паметни потези. Сега треба да најдеме решение, но за да најдеме решение добро е креаторите на овој проблем да ја согледаат оваа дијагноза и заеднички да поставиме црвени линии“, рече Милошоски.
Милошоски потенцираше дека СДСМ направила голем незрел дипломатски чекор и стратешка грешка со којашто не се слушал гласот на народот и покрај референдумот.
„Многу е погрешно да се прифати една таква голема концесија без национален консензус, а притоа концесијата да биде поврзана со отварање на поглавјата. Тоа е многу незрел дипломатско-политички чекор. Вие направивте стратешка грешка со таквото сервилно однесување на коешто целата јавност се спротистави. Ние знаеме која беше голготата што ја помина Македонија со блокадата од Грција. Со ваквото однесување вие создадовте методологија ние повторно да одиме еден таков трнлив пат, еден пат којшто прво значи нефер однесување кон Македонија, бидејќи се прифаќаат критериуми коишто не се дел од критериумите на Копенхаген, и второ методологија којашто не нѐ носи до полноправното членство, туку не носи до отварање на преговорите и неизвесност после тоа“, дециден е Милошоски.
На крај Милошоски додаде дека доколку се прифатат барањата на Бугарија можно е да се случи Македонија да добие ново вето, или да стане асоцијативна членка со одредени ускратени права.
„Грешката е направена што е прифатен услов којшто не бил прифатлив за мнозинството пратеници и за мнозинството граѓани. Затоа сметам дека треба да бидеме многу претпазливи. Можеме да го смениме Уставот утре и задутре да добиеме ново вето и да имаме ново разочарување, и може да се случи да го смениме Уставот и никогаш да не станеме полноправна членка, односно да ни се понуди за 4 години од денес да бидеме асоцијативна членка со одредени ускратени права во рамките на ЕУ“, објасни Милошоски.