Премиерот, Мицкоски истакна дека двата коридори 10 и 8 сега и во иднина претставуваат одлична логистика за Јужното крило на НАТО, а како што рече „каде што и ние како Македонија припаѓаме и тоа е една од нашите главни амбиции и планови во годините коишто следат“.
„Кога зборуваме за вложување во Армијата зборуваме и за модернизација и конструкција на двата многу важни коридори, а тоа се Коридорот 10 и Коридорот 8 коишто во суштина не само сега, туку и во иднина ќе претставуваат одлична логистика за Јужното крило на НАТО каде што и ние како Македонија припаѓаме. Тоа е една од нашите главни амбиции и планови во годините коишто следат, модернизација на Армијата, снабдување на она коешто е потребно и дефинирање на приоритети и реализирање на тие приоритети од аспект на опрема, но и модернизација и конструкција на овие 2 важни логистички коридори за НАТО, посебно за Јужното крило на НАТО“, рече Мицкоски.
Претседателот на Владата посочи дека кога се инвестира и се јакне Армијата, тоа значи дека се инвестира во траен мир и во одбрана на сопствената татковина.
„Како претседател на Владата, секогаш еден од моите врвни приоритети била безбедноста на државата, за чување на мирот, стабилноста на државата, бидејќи тоа се основните услови за да можеме да развиваме општество, коешто ќе напредува и општество коешто ќе нуди иднина за сите граѓани. Нераскинлива алка од овие амбиции е и македонската Армија“, изјави Мицкоски.
Амбасадорката на САД, Агелер во своето обраќање рече дека од самиот почеток на Програмата од 2019 година, всушност помогнаа во испораката на 67 возила од ваков карактер, кои се последниот крик на технологијата, вклучувајќи ги овие возила.
„Овие лесни оклопни возила ќе бидат и ќе претставуваат рбетот на Северна Македонија и конкретно на лесната Пешадиска батаљонска група, којашто всушност претставуваат физичко отсликување на улогата, којашто вие ја имате како одлучен сојузник во НАТО. Во исто време тие претставуваат олицетворение на постојаната поддршка на САД на Северна Македонија и на нејзините одбранбени способности, како и нашите споделени безбедносни цели“, рече Агелер.
Амбасадорката на САД додаде дека Самитот на НАТО, ова лето покажа дека инвестицијата во воената подготвеност е повеќе од приоритет и оти станува збор за реалност и потреба.
„Со овие возила во вашиот арсенал, Северна Македонија и силите на Северна Македонија ќе бидат подобро подготвени за да се соочат со предизвиците на нашата колективна одбрана, денес и во иднина. Пред 30 години САД формално ја призна и ја препозна оваа земја и склучи билатерални односи, коишто се уште ги почитуваме до денес“, посочи Агелер.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски на денешната презентација на новите 29 лесни оклопни возила – JLTV, во касарната „Јане Сандански“ во Штип истакна дека капацитети на Армијата продолжуваат да се зајакнуваат. Новите 29 оклопни возила се набавени преку договорот Влада со Влада, а дополнително се очекува да пристигнат и нови оклопни возила, коишто исто така се од американско производство.
„Возилата кои ги гледаме овде во касарната Јане Сандански во Штип се предвидени за лесната Пешадиска батаљонска група, нашата декларирана единица, којашто ќе биде подготвена за упатување на мисии во случај на потреба“, истакна Мисајловски.
Тој додаде дека досега се испорачани 67 оклопни возила, а до крајот на годината се очекува да пристигнат и останатите околопни возила. Согласно овој проект предвидено е македонската Армија да има 96 оклопни возила. Мисајловски посочи дека со САД се склучени уште седум договори за набавка на опрема на специјалните сили, беспилотни системи, опрема за сајбер заштита, лесно пешадиско вооружување, како и средства за лична заштита.
Претстојниот празник на македонската Армија – 18 Август денеска беше одбележан во салата на Војничкиот клуб при Командата за обука и доктрини (КОД) во велешката касарна „Алексо Демниевски – Бауман“.
Командантот на КОД, бригадниот генерал Лулзим Нуредини им го честита празникот на сите припадници на Армијата и цивилни лица во нејзина служба и 33-роденден на македонската Армија. Тој потсети дека на 18 август 1943 година на Славеј планина се започнало како воена формација од формирање на баталјонот „Мирче Ацев“ на слободна територија, се до денес. Потенцира дека патот не бил лесен од појавувањето на првиот војник на отслужување на воениот рок во Армијата во касарната во Охрид на 14 април 1992 година на велешанецот Панче Јамандиев, се до 27 март 2020 година кога и државата стана полноправна членка на НАТО.
„Патот не бил лесен, но секогаш се докажало дека Армијата е најдобриот амбасадор, најдобриот претставник на државата и надвор од нејзините граници“, рече Нуредини.
КОД, како што рече, несомнено како дел од Армијата низ годините има голем придонес во градење на капацитетите кои ги користат сите единици на Армијата.
„Тоа се обука и оспособување на питомците, реализиција на основни и кариерни курсеви на ПФВ и ПОФ, изучување на англискиот јазик на припадниците на Армијата и Министерството за одбрана, поддршка на реализиција на симулациски вежби со командантите на единиците, обука и дресура на службени кучиња од различни категории за потребите на Армијата и останатите државни институции, развој на Резервните сили и изработка на воена литература, Исто така КОД со своите капацитети активно учествува во поддршка на цивилното население во справување со пожарите во овие жешки летни денови“, потенцира Нуредини.
На свеченоста беше прочитана и телеграма со која началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски им го честита 18 Август на сите припадници на Армијата и цивилни лица. Со негов указ на свеченоста беа наградени и унапредени старешини во Армијата, а благодарници добија и цивилни лица во служба на Армијата. Наградите и признанија на свеченоста им ги врачи командантот на КОД бригадниот генерал Лулзим Нуредини.
Златна значка на Армијата за партнерство, координација и соработка доби постар водник прва класа Ѕвонко Димов, сребрена значка доби потполковник Миле Марковски и бронзена значка доби потполковник Ѓорѓи Фистик.
Од командантот на КОД бригадниот генерал Лулзим Нуредини благодарница за соработка доби ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка и ООУ „Рајко Жинзифов“ од село Горно Оризари.






