Овој извештај за напредокот на реформите во Македонија во последните две-три години од дваесетгодишниот процес на нејзино пристапување во ЕУ, предизвика мобилизација најмногу на бугарскиот национализам, кој на вчерашната расправа во Европскиот парламент беше поддржан и од национал-фашистичките фрустрации на грчките европратеници. По таа, „емотивно“ неконтролирана тирада на национализам на бугарските и грчките пратеници во ЕП спрема Македонија и присуството на формулацијата „македонски јазик и идентитет“, надреално и по малку аутистично прозвучеа инсистирањата на претставниците на ЕУ (еврокомесарката Кос, па и на известувачот Вајц), за измените во македонскиот устав како единствен услов за почеток на преговорите со ЕУ, како и за отстранување на странското влијание во Македонија.
Во текот на вчерашната дебата во ЕП, бугарските европарламентарци прегласно дебатираа дека европарламентот не треба да решава за нечиј јазик и идентитет (иако истото го бараа од Европскиот совет кога се пишување преговарачката рамка), драматизично го презентираа судскиот процес против претседателот на бугарскиот квазикултурен клуб „Ванчо Михајлов“, а добија поддршка и со настапите на грчките европарламентарци од радикалните партии кои изјавуваа дека Македонија е “една и е само грчка“, па соодветно на тоа македонската нација „е лажна, а не вистинска“.

Тоа го предизвика известувачот Вајц да ги повика европарламентарците денеска да гласаат „конструктивно, обединето и европски“, порачувајќи дека Македонија е фантастична земја, дека направила многу иако има уште многу да направи и дека треба да имаат предвид дека проширувањето е стратешка цел на ЕУ, а не арена за билатерални прашања. Вајц исто така ги потсети европарламентарците дека ЕУ всушност е создадена за земјите да ја остават историјата назад, заради општиот и заеднички интерес.
На расправата во ЕП учествуваше и еврокомесарката за проширување Марта Кос, која беше среќна дека конечно по три години има извештај за Македонија од Европскиот парламент. Таа притоа порача дека ЕУ и натаму ќе ја помага Македонија да продолжи со преговорите и да стане земја членка, но само ако веднаш и откако ќе ги направи уставните реформи, т.е. да ги внесе Бугарите во својот устав
Преставувајќи го извештајот, Вајц потсети дека Македонија беше единствената што не учествуваше во војните во бивша Југославија, дека е мултиетничка и мултирелигиска а сепак успеала да ги изменаџира внатрешните односи и дека била на врвот на листата за кандидати во ЕУ со Словенија запрашувајќи потоа – а каде е сега таа, а каде Словенија?
Тој нагласи дека Македонија се соочуваше со пречки поврзани со односите со соседите, но јасно им порача на европарламентарците дека добрососедските односи можат да се градат со учество на двете земји, а не само едната. Наспроти напорите на бугарските европратеници да ја престават во негативно светло нашата држава, Вајц истакна дека Македонија покажала дека е лојален партнер и дека сто отсто ја следи надворешната политика на ЕУ, за да побара потоа забрзување на нашиот евроинтеграциски процес.
Враќајќи се на темата, извештај за реформскиот напредок, Вајц нагласи дека Македонија и покрај природните убавици, сепак има проблем со менаџирање на отпадот и со загадувањето на воздухот. Притоа нагласи дека тоа за што расправаат е извештај за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ и дека за таа тема треба да зборуваат.
Кос накратко порача дека единствен начин да се продолжат преговорите е да се направат уставните измени , додавајќи дека Македонија работи и на Акцискиот план за малцинствата, за кој како што рече, ќе ѝ бидат потребни консултации. И според нејзина оценка Македонија е решена цврсто да ја следи надворешната политика на ЕУ, порачувајќи дека покрај тоа треба да ја зајакне борбата против корупцијата, владеењето на правото, медиумската слобода, јавната администрацијаи – заради тоа,пак, е потребно да го продолжи евроинтеграцискиот процес.
Реутен Тијс во име на Групата на социјалистите и социјалдемократите го оцени извештајот на Вајц како сеопфатен и балансиран, додавајќи дека по сè што помина Македонија, ја разбира фрустрацијата кај македонските граѓани. Тој побара од Европскиот совет (земјите членки) да воспостават јасен пат за членство за нашата држава без дополнителни условувања, обраќајќи се директно со зборовите дека „македонскиот јазик и македонскиот идентитет постојат и Европскиот парламент ги почитува“.
Друг европарламентарец пак нагласи дека ЕП не е во „бизнисот“ на утврдување национални јазици и идентитети, практично толкувајќи зошто се бара со амандман да се извадат „македонскиот јазик и идентитет“ од текстот за гласањето.
Тој коментар ја отвори тирадата на бугарските европарламентарци од радикалните партии а еден од нив, Петар Волгин од крајнодесничарската Обнова, рече дека Македонија дури не ги ни исполнува условите за преговори, дека омразата и криминалните напади врз граѓаните што се изјаснуваат како Бугари најчесто не се казнуваат и дека не му е јасно зошто „автократите“ од ЕУ сакаат да биде членка. Грчка европарламентарка, како на митинг во нејзината земја, рече дека таа е „вистинска горда Македонка“, дека македонските тврдења се искривување на историјата, дека Алексис Ципрас потпишал национална капитулација за јазикот и историјата и дека македонскиот јазик е бугарски дијалект.
На ваквите отворени националистички испади реагираа неколку европарламентарци, при што еден од нив оцени дека се очигледни напорите да се понижи Македонија, додавајќи дека тие што именуваат клубови по имиња на нацисти и треба да бидат судени и казнети, алудирајќи на Љупчо Георгиевски кој, според Андреј Ковачев, бил присутен на расправата во ЕП.
„Ова е патување кон ЕУ на земја што е понижена“, оцени друг европарламентарец, забележувајќи сепак дека ова не е извештај за македонскиот јазик и идентитет, порачувајќи– „да не веруваме воопшто дека ЕП сака да ни ги оспори“. За да биде поуверлив на чист македонски јазик рече „благодарам“ на крајот на говорот.
Поумерените бугарски европарламентарци, пак порачаа дека сакаат Македонија да стане членка на ЕУ, а Кристијан Вигенин рече дека се наши пријатели и дека владата треба да престане да бара изговори за да не ги продолжи преговорите со ЕУ. Тој повика да „инвестираме во заедничка иднина“ , наместо да се занимаваме со минатото, оценувајќи дека овој извештај ќе остане запаметен по скандалите, а не по содржината.
„Мицкоски ве лаже “, извика Ивајло Валчев, тврдејќи дека ставањето на Бугарите во „сите делови од Уставот“ не е е никаква закана за македонскиот идентитет. Станислав Стојанов од Обнова забележа дека за првпат ЕП сакал да признае јазик и идентитет, порачувајќи дека „народот во Северна Македонија зборува само еден јазик – бугарски, бидејќи сме еден народ“.
Андреј Ковачев од ГЕРБ оцени дека „политичарите во Скопје систематски го саботираат процесот на преговорите со популизам и национализам, па ги повикаа македонските власти да не го трошат времето на граѓаните и да ги продолжат преговорите што поскоро. Како врв на политичко лицемерие тој изрази надеж дека нивната слобода (во Бугарија) наскоро ќе дојде и во Македонија, повикувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ да го направи неопходниот чекор, т.е. уставните измени.
На предлог-извештајот се поднесени 28 амандмани. Меѓу нив се и оние на бугарскиот европратеник Ивајло Валчев, кој бара вметнување на зборот „современ“ пред „македонски јазик и идентитет“, како и вклучување на протоколите од Договорот за добрососедство во извештајот. Гласањето е закажано за денеска напладне.
Ј.П.






