недела, 28 декември 2025

Кандидатката за градоначалник на Центар, Ивановска повикана на распит, Обвинителстовто тврди нема политичка заднина

Кандидатката за градоначалник на Општина Центар и поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска синоќа добила покана од Министерството за внатрешни работи (МВР) и била повикана на распит во Јавното обвинителство (ЈО). Од Обвинителството ја потврдија информацијата и велат дека поканата за нејзин распит нема никаква политичка позадина и тоа што таа вчера и официјално ја најави својата кандидатура за градоначалник на Општина Центар.

Објавено на

часот

Сподели

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.02.2025 година и презема дејствија за да ги провери наводите. Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од обвинителството е испратена на 25.07.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“, велат од Јавното обвинителство.

Од Обвинителството велат дека нема ништо необично во фактот што поканата за распит на Ивановска е пратена преку полицијата, а не преку пошта како што е вообичаена пракса.

„Испраќање покани преку МВР не е невообичаена постапка и се користи често, бидејќи има проблем со редовност на доставата од редовната пошта. Во конкретниот случај начинот на достава е избор на предметниот јавен обвинител“, велат од Јавното обвинителство.

Оттаму ги отфрлаат сите сомнежи дека зад вчерашната покана за распит на Ивановска се крие политичка позадина. На прашањето, ако не може да се доведе во релација со политичките активности, тогаш која е причината што Обвинителството сега презема дејствија за кривична пријава поднесена пред шест месеци, а откако поранешната претседателка на ДКСК најави кандидатура за градоначалник, од Јавното обвинителсво велат дека затоа што во меѓувреме се преземени многу други дејствија, прибавен е конкретен предмет и извршени се распити на повеќе други лица.

„Поканата е пратена многу пред најавата за кандидатура. Поканата не е пратена преку МВР за да стигне побрзо, туку е пратена за да стигне на време пред распитот и на точна адреса, што со редовна пошта многу често изостанува. Во шесте месеци од кога е поднесена кривичната пријава, Ивановска не е повикана на распит“, велат од Јавното обвинителство.

Во меѓувреме, со оглед на нејзината јавна реакција, надлежниот јавен обвинител телефонски ја контактираше Ивановска и и даде можност доколку сака и доколку исказот во јавното обвинителство го чувствува како некаква форма на притисок, истиот да се одложи до завршување на изборите.

Од јавното обвинителство не кажуваат зошто и кој поднел кривична пријава против неа.

„Пријавата е приватна. Не сме во можност да споделиме детали додека не се проверат наводите дали воопшто има основ. Обвинителството не би ни објавило дека е пријавена ако сама не обзнанеше. Во меѓувреме, со оглед на нејзината јавна реакција, надлежниот јавен обвинител телефонски ја контактираше Ивановска и ѝ даде можност доколку сака и доколку исказот во Јавното обвинителство го чувствува како некаква форма на притисок, истиот да се одложи до завршување на изборите“, велат од Јавното обвинителство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ