Според Левица, конкурсот за запишување кандидати за стручно оспособување и усовршување за офицери ја разоткрива „длабоката коруптивна матрица“ во Министерството за одбрана. Иако од министерството тврделе дека се примени „најдобрите кандидати“, анализата на Левица покажала сериозни сомнежи за манипулација со резултатите, при што интервју-бодовите биле намерно прилагодувани за да се елиминираат најдобрите кандидати, и покрај тоа што тие според општиот успех, познавањето на англиски јазик и физичките проверки биле во сериозна предност.
Информациите од Левица велат дека голем број од примените во првата група воопшто не ги поминале физичките проверки, а сепак добиле бодови кои им овозможиле да го исполнат критериумот. Исто така, резултатите од тестот по англиски јазик не соодветствуваат со официјално впишаните бодови на конечната листа. Партијата дополнително нагласува дека интервјуто, како најсубјективна етапа, не смее да биде пресудно за изборот на кандидатите, и поставува прашања за унифицираноста на прашањата и критериумите по кои кандидатите добивале различни бодови.
Левица истакнува дека во Министерството за одбрана постојат три органи со надлежност да истражат овие неправилности – Секторот за внатрешна ревизија, Секторот за инспекција и Директоратот за безбедност и разузнавање во одбраната. Според партијата, овие органи имаат законска и институционална обврска да извршат темелна проверка, да утврдат одговорност и да спречат понатамошни злоупотреби.
Партијата предупредува дека доколку овие органи не постапат и не излезат со став пред јавноста, сериозно се доведува во прашање кредибилитетот на Министерството – институција која формално има воспоставено механизми за внатрешна контрола, но кои, според Левица, очигледно остануваат само на хартија.
Левица бара надлежните органи да извршат надзор, да ги проверат сите записници од тестовите за физичка подготвеност, англиски јазик и методологијата на интервјуирањето, и да ги изнесат пред јавноста сите недоследности. Исто така, ја повикува Министерството јавно да го истакне и второто решение за прием на втората група курсисти, како што било претходно објавено.
„Армијата на РМ е институција со најголема доверба кај народот и не смее да се дозволи со вакви партиски манипулации да се нарушува угледот!“, потенцираат од Левица во соопштението.






