четврток, 29 јануари 2026

Камионџиите продолжуваат со блокадите на граничните премини во Западен Балкан, Брисел без одговор

Протестите на превозниците од Западен Балкан продолжуваат и денеска. Тие бараат измени во шенгенското ограничување за земјите кои не се членки на ЕУ за дозволени 90 дена престој во унијата во рок од 180 дена. Ова веќе предизвикува сериозни економски загуби, а на барањата за измени нема никаков одговор од Бриел, освен ветување дека Европската комисија подготвува нова визна стратегија која би можела да воведе исклучоци за професионалните возачи со цел заштита на европската конкурентност.

Објавено на

часот

Сподели

Од април лани почна примената на електронскиот систем за влез и излез (EES) со што е воведена автоматизирана и ригорозна контрола на пречекорувањата. Превозниците, претставени преку македонското здружение Макам-транс велат дека сега професионалните возачи се третираат како туристи, што го оневозможува нормалното функционирање на меѓународниот транспорт и води кон забрани за влез во ЕУ.

Веќе трет ден превозниците од земјите на Западен Балкан го блокираат товарниот сообраќај на нивните гранични премини што предизвикува сериозни загуби на компаниите. Проценката е дека во целиот регион дневните загуби се 100 милиони евра.

Во Црна Гора, властите веќе предупредуваат на можен недостиг на нафтени деривати,  во Босна и Херцеговина, деловната заедница стравува од колапс на синџирите на снабдување. Филип Симовиќ од Германско-српската стопанска комора истакна дека блокадите не ги погодуваат само локалните фирми, туку и големиот капитал од Германија и другите земји на Европската Унија кои имаат инвестиции во регионот. Стопанските комори во Сараево и Скопје апелираат за итно решение, бидејќи трошоците од пенали за доцнење на стоката и прекинот на производството во индустриските зони можат трајно да ја нарушат конкурентноста на регионалните економии.

Министрите од Македонија, Александар Николоски и Тимчо Муцунски, презедоа интензивна дипломатска офанзива во Брисел и регионалните центри за изнаоѓање решение. Николоски, за време на средбата со хрватскиот министер Олег Бутковиќ во Загреб, нагласи дека ова е суштински проблем кој бара системски одговор од Европската комисија. Истовремено, премиерот Христијан Мицкоски побара директна комуникација со Урсула фон дер Лајен за да се забрза процесот на изземање на возачите од рестриктивните правила. Политичкиот притисок е насочен кон докажување дека сегашната регулатива е контрапродуктивна за самата Европска Унија, бидејќи го блокира извозот на европските компании лоцирани на Западен Балкан.

Транспортниот сектор бара писмени гаранции и конкретни законски измени – итно изземање на професионалните возачи од правилото 90/180 дена во Шенген-зоната; воведување на посебни петгодишни визи за транспортните работници од Западен Балкан; oдложување на целосната примена на системот EES до изнаоѓање трајно решение; враќање на дел од акцизата за гориво и попусти на патарините во Босна и Херцеговина како компензација за загубите.

И автобуските превозници предупредуваат на целосен прекин на патничкиот сообраќај доколку не се постигне напредок во следните неколку дена.

Европската комисија најави објавување на нова визна стратегија на 29 јануари. Предлогот предвидува можност за престој подолг од 90 дена, под услов да не се надминат 90 дена во поединечна држава-членка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ