понеделник, 12 јануари 2026

Камбовски верува дека претседателката избрала вистински професионалци за подобрување на работата на Судскиот совет

Верувам дека претседателката на државата избрала вистински професионалци, кои ќе придонесат во работата на Судскиот совет, истакна денеска во изјава за медиумите претседателот на републичкиот Судски совет, Александар Камбовски.

Објавено на

часот

Сподели

Тој беше прашан што мисли за предложените имиња од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, што треба да влезат во собраниска процедура.

„Кандидатите на претседателката ги дознавме како и сите – од медиумите. Претседателката е, пред сè, правник, професор и не се сомневам во нејзиниот избор и верувам дека избрала вистински професионалци, кои ќе придонесат во работата на Судскиот совет. Секако, доколку ја добијат довербата од Собранието“, одговори Камбовски на новинарско прашање.

За новиот закон за Судскиот совет тој рече дека се надеваат оти ќе придонесе за поефикасно работење.

„Секако дека се надеваме оти ќе придонесе за поефикасно работење. Јас учествував во работната група и колегите сега сите веќе го имаат законот, мислам – финалната верзија што беше усвоена. Го анализираме повторно, гледаме кои нешта ќе бидат променети и оптимист сум дека ќе имаме квалитетна промена во работењето на Судскиот совет“, одговори Камбовски.

Во Собранието беа доставени материјалите за избор на Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ за членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија на предлог на претседателката Сиљановска-Давкова.

Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка со долгогодишна академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН и Универзитетот МИТ, а во јавноста е позната и како поранешен член на Комисијата за помилување. Јошевска-Анастасовска е адвокатка со повеќегодишна пракса, особено во кривични предмети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ