недела, 18 мај 2025

Камбовски: Финансиската зависност ја уништува судската независност

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, предупреди дека без реална финансиска автономија, судството не може да биде вистински независно. Според него, сегашниот модел на реформирање е неефикасен, а суштински промени може да се постигнат само со нов пристап, промена на закони и кадровско зајакнување. A, претседателот на Здружението на судии  и претседател на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, порача дека судството не може да биде ефикасно без соодветна поддршка и ресурси. Во изјава за медиуми по отворањето на конференцијата „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“, тој посочи дека недостигот од кадар и финансии се главни пречки за подобрување на состојбите во правосудниот систем.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Во изјава за медиуми по отворањето наконференцијата „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките  Камбовски остро реагираше на тоа што, и покрај добрите закони, судството не ги добива предвидените средства и е блокирано од бирократски процедури.

„Не треба да престане со реформи. Очигледно во минатото тие реформи не вродиле плод. Треба да се промени начинот на кој што се прават тие реформи, да се промени матрицата на размислување и конечно веќе судството да ја добие финансиската независност која што му припаѓа согласно законот. Бидејќи не можеме да зборуваме за независност на судство, доколку тоа исто судство е зависно од некоја од другите власти“, истакна Камбовски, додавајќи дека проблемот не е само во институционалните објекти, туку и во човечките и техничките капацитети.

Особено алармантен, како што дополни, е фактот дека околу 200 вработени во судовите остануваат без продолжени договори.

„Имавме околу 200 луѓе на ниво на цела држава кои што имаа до 31 март договори на неопределено време. Меѓутоа, до денеска не им се продолжени договорите, ниту се објавени нови огласи. За секое вработување мораме да добиеме согласност од Министерството за финансии. Ако навистина сакаме финансиска независност, тогаш судството не треба да зависи од вакви одобренија, кои некогаш не ни ги добиваме“, посочи тој.

Во однос на транспарентноста и довербата, Камбовски порача дека персоналните оставки не се решение за системски проблеми.

„Оставките не се реформи. Судскиот совет е целосно променет. Впечатокот што се влече е од минатиот состав на Судскиот совет. Сега половина од Судскиот совет е променет и така го замислил уставотворецот судскиот совет постојано внатре да има флуктација на нови членови, а доколку сакаме навистина да направиме некоја реформа, таа се прави на друг начин, со промена на законот, со намалување на мандат, со депрофесионализација на судски и обвинителски совет, а само персонални промени, тука нема ништо, која е гаранцијата дека новите членови што ќе дојдат ќе бидат подорбри“, рече Камбовски.

Информираше и дека изборот за нов претседател на Врховниот суд е при крај и се очекува наскоро да биде ставен на дневен ред на некоја од наредните седници на Судскиот совет.

Претседателот на Здружението на судии  и претседател на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, порача дека судството не може да биде ефикасно без соодветна поддршка и ресурси. Тој посочи дека недостигот од кадар и финансии се главни пречки за подобрување на состојбите во правосудниот систем.

„Ефикасноста во моментов е проблем, меѓутоа не толку голем. Ефикасноста ја генерираат некои други структури. Недостигот на судии, на судски служби, финансиската независност создаваат проблеми во смисла на кадровски решенија. Ние имаме секоја година сѐ поголем број на прилив на предмети, а сѐ помал број на судски службеници и судии. Едно со друго не оди. Ако сакаме ефикасно судство, мора да се вложува во истото, да се инвестира, да имаме капитални инвестиции, нови вработувања, да се дигитализира судството…“, истакна Џолев.

Тој додаде дека судската фела мора да биде активно вклучена во реформските процеси.

„Здружението на судии, кое што брои повеќе од 300 членови, е најголемиот брејнсторм во овој сектор, така што не треба да биде игнориран, напротив, сметам дека треба активно да бидеме вклучени во тие реформи“, рече тој.

Џолев се осврна и на буџетската поддршка за судството, потсетувајќи дека тие 0,8 проценти загарантирани со закон од Буџетот на РСМ, кои што треба да се одвојуваат за судството, досега никогаш не биле обезбедени.

„Стигнавме до 0,38 проценти како максимален износ од буџетот кој што се одвојуваше за судството“, рече Џолев.

Според него, само со вложување во кадар, дигитализација и опрема може да се обезбеди ажурно и ефикасно судство во кое граѓаните ќе имаат доверба.

„Доколку сакате да имате ефикасно судство. Ако имате зголемен број на судски предмети што упатува на тоа дека државата има системи кои што функционираат, вие мора да овозоможите на судството кадри, човечки и материјални ресурси, опрема за да може да бидеме ефикасни, ажурни и граѓаните да бидат задоволни“, порача Џолев.

На новинарско прашање, Џолев не го коментираше случајот со претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.

„Тоа е нешто што е актуелно и допрва ќе следува разрешница, посочи оретседателот на Здружението на судии“, Иван Џолев.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ