вторник, 3 март 2026
Од Кочани до Кран Монтана

Како досега изгледа патот до одговорноста во случајот Кран Монтана?

По трагедијата во барот „Ла констеласион“ во Кран Монтана, во која на новогодишната ноќ загинаа 40 млади луѓе, а 116 беа повредени, швајцарската јавност веќе подолг период внимателно го следи текот на истрагата. Болката не исчезнува со протекот на деновите. За семејствата, времето не носи олеснување, туку потреба од одговори и правда.

Објавено на

часот

Сподели

Но, швајцарските институции не реагираат со декларации и драматични прес-конференции. Нема обвинителен акт. Нема судење. Нема пресуда. Постои истрага што тивко, методично и технички прецизно се обидува да ја реконструира ноќта што го промени животот на десетици семејства.

Форензиката како прва линија на вистината

Првите недели по пожарот беа посветени на она што ретко се гледа во јавноста, а тоа е форензичката работа. Експертите го анализираа материјалот што се запалил, динамиката на ширење на пламенот, концентрацијата на токсични гасови и временската рамка во која огнот го зафатил просторот. Колку брзо се запалил материјалот? Колку време било потребно чадот да го исполни просторот? Каде биле најкритичните точки на задушување?

Особено внимание беше посветено на полиуретанската акустична пена поставена на таванот, за која истрагата утврдува дали нејзините својства биле соодветни за јавен објект со голема фреквенција на луѓе. Се реконструираше и реновирањето од 2015 година, кога биле направени архитектонски измени, меѓу кои и стеснување на скалите што воделе од подрумот.

Во вакви случаи, пристапот на швајцарските институции е дека причината мора да биде научно докажана, поткрепена со експертизи што ќе издржат судска проверка, а не врз основа на претпоставки и брзи обвиненија. Затоа истрагата се одвива внимателно, без импровизација.

Индивидуални одлуки под лупа

Откако техничките аспекти беа мапирани, фокусот се прошири кон одлуките што биле донесувани низ годините. Сопствениците на објектот се сослушуваат како осомничени во рамки на истрага за небрежно убиство и небрежно предизвикување пожар.

Покрај одлуките на сопствениците, под проверка се и други пропусти, особено фактот што редовните противпожарни инспекции не биле вршени. Дали тоа имало директна врска со трагичниот исход е прашањето што обвинителството го анализира преку документација, службени записници и сведочења.

Паралелно, меѓународната правна соработка со Италија се одвива во формални рамки, со размена на докази и координација на активности, како што објави Свисинфо за засилената координација меѓу швајцарските и италијанските обвинители по трагедијата. Тоа дополнително ја усложнува постапката и бара дополнително време.

Зошто сеуште нема обвинителен акт? Зошто не брзаат?

Во јавноста често се поставува прашањето: зошто сè уште нема обвинение? Одговорот лежи во природата на швајцарскиот кривичен систем.

Обвинителниот акт не се подига за да ја смири јавноста, туку кога обвинителството ќе процени дека доказите се доволно силни, комплетни и процесно чисти. Секое пребрзано обвинение што нема стабилна доказна основа може да се распадне во судница и да доведе до укинување на постапката или ослободителна пресуда. Меѓу другото може и сериозно да ја успори постапката, доколку е опфатен поголем опсег на лица.

Затоа квалификациите што досега се споменуваат, како небрежно убиство, небрежно нанесување тешки телесни повреди и небрежно предизвикување пожар, се дел од истражната рамка, а не конечна правна одлука. Вината ќе може да ја утврди само суд, доколку и кога ќе биде подигнат обвинителен акт.

Јавниот притисок и институционалната смиреност

Очекувани беа незадоволствата поради одлуката за ослободување со кауција. Имаше тивки маршеви со пораки „правда и вистина“. Имаше медиумски критики за одредени пропусти во зачувувањето на докази.

Случајот доби и меѓународна политичка димензија. Највисоки италијански функционери, вклучително и премиерката Мелони, јавно реагираа поради одлуките во истражната фаза, додека швајцарскиот претседател повика на почитување на институционалната независност и презумпцијата на невиност, како што извести Ројтерс. Дел од изјавите од италијанска страна беа остри, особено по одлуката за ослободување со кауција, што дополнително ја засили медиумската динамика околу случајот.

Од друга страна, швајцарскиот државен врв нагласи дека истрагата мора да се одвива независно и без политички притисок, со строго почитување на начелото на презумпција на невиност.

Но истовремено, во швајцарската јавност постои свесност дека емоцијата не може да ја замени доказната постапка. Институциите работат под притисок, но се обидуваат да не дозволат притисокот да ја диктира динамиката на истрагата.

Долгиот пат до судница

Кран Монтана денес е во истрага, не во судење. До евентуален обвинителен акт може да поминат месеци, а судска постапка би следувала дури потоа.

Во случаи со голем број жртви и сложени технички прашања, времето е неопходен дел од процесот. Секој извештај, секоја експертиза и секое сведочење мора да бидат проверени и усогласени. Само така, евентуалната пресуда, доколку дојде до неа, ќе може да биде издржана и во повисока судска инстанца.

За семејствата тоа значи продолжена неизвесност. За системот тоа значи обид одлуката да не биде оспорлива.

Лекцијата што ја носи истрагата

Во време кога и македонската јавност внимателно го следи текот на постапките по трагедијата во Кочани, примерот од Кран Монтана укажува на суштинско начело на правото: правдата не се мери по брзината со која се подига обвинителен акт, туку по стабилноста на доказите врз кои се темели.

Трагедиите со голем број жртви создаваат природна и оправдана потреба за итни одговори. Болката бара реакција, а јавноста очекува јасен сигнал дека државата дејствува. Но правната постапка бара трпеливо утврдување на фактите, внимателно поврзување на одлуките со последиците и строга почит кон процесните правила.

Кран Монтана покажува дека истрагата може да трае, дека обвинителството може да одбере да не брза со обвинителен акт сè додека не ги исцрпи сите технички и правни аспекти, и дека институционалната смиреност не значи отсуство на одговорност. Напротив, таа е обид одговорноста да биде персонализирана и правно одржлива.

Во случаи како овие, најголемата опасност не е бавноста или текот на истрагата, туку недоволната издржаност. Пребрзото формулирање на обвинение без целосна доказна конструкција може да доведе до процесни слабости што подоцна ќе ја компромитираат целата постапка.

Понекогаш тишината на истрагата не значи одлагање, туку темелност. А темелноста, колку и да бара време, останува единствениот пат до одговорност што ќе издржи и пред суд и пред јавноста, и што ќе обезбеди правдата да не биде само прогласена, туку и докажана.

Р.Ф.

(Во серија текстови ќе се обидеме да дадеме паралела за трагедиите во Кочани и во Кран Монтана и начинот на кој швајцарските и македонските институции ја водат истрагата. За разликите во одговорот на институциите и поинаквото разбирање на концептот на одговорност со акцент на индивидуалната вина и конкретните дејства, наместо широка и генерализирана системска одговорност, како во случајот во Македонија.)

Изведувачите на реновирањето под истрага: Како Швајцарија ја лоцира вината во градежните дневници

Сведоштвото на клучниот сведок: „Предупредував, но не бев слушнат“

„Ла Констеласион“ како огледало на „Пулс“: Сведочењата на вработените откриваат одлуки што довеле до трагедиите

Презумпцијата на невиност како столб на правдата: Како швајцарската смиреност победи пред стихијниот притисок

„Ни ги убивте децата“: родителите на жртвите од Кран-Монтана се соочија со брачниот пар Морети (ВИДЕО)

Исчезнатите снимки пропуст во доказите, истрагата усложнета

Од Кран Монтана до Кочани: Идентична анатомија на негрижата

Кој е Жак Морети, сопственикот на објектот во кој згаснаа десетици млади животи?

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ