Природата околу селото е убава, мирна и смирувачка, што го прави пријатно место и за посета – за живеење. Сѐ тоа му дава посебен шарм на Босилово и го прави препознатливо во целата струмичка околија.
Општината се стреми кон постојан развој и осовременување, со нови инфраструктурни проекти и подобрување на условите за живот за сите жители, па и за лицата со попреченост. Во таа смисла, Босилово денес има инклузивно Општинско основно училиште, но го има етноресторанот „Кај Виктор“ којшто е „autism-friendly” (пријателско место за лица со аутизам). Гостилницата го носи името на Виктор (23) кој со својот татко живее во Босилово.
Градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев вели дека Општината секогаш се труди да го слушне гласот на родителите на лицата со аутизам и други попречености.
„Иако Општина Босилово е мала рурална општина, со ограничени капацитети, секогаш се трудиме да ги поддржиме инклузивните процеси во нашата средина. Согласно тоа, соработуваме со организациите што ги застапуваат лицата со ограничени можности, и како општина, заедно сме дел од сите настани организирани во Босилово. Особено силна е соработката меѓу основните училишта во нашата општина и НВО Говор на срцето. Така, можам да кажам дека, покрај фактот дека нашите ученици се чести гости во оваа гостилница, Општина Босилово е и прва рурална општина со сензорна соба. Покрај тоа, за првпат се вработи дефектолог во училиштето, а соработуваме и со други стручни лица кои можат да помогнат на лицата со ограничени можности“, изјави градоначалникот за МИА.
Во тек е проект за обезбедување мобилни рампи за лица со ортопедски колички, а до крајот на годината, Општина Босилово ќе спроведе мерка – еднократна парична помош за семејствата во коишто има лица со ограничени можности.
„Свесни сме дека немаме сила и можности да ги решиме сите проблеми на оваа група граѓани, но секогаш сме тука заедно со нив и даваме поддршка и разбирање за сите нивни барања“, порача Манчев.
По повод Денот на свесноста за лицата со аутизам – 2 Април, МИА беше срдечно пречекан гостин во оваа „аутизам-френдли“ гостилница.

Според сопствениците, „Кај Виктор“ е прва гостилница во Македонија и на Балканот со сертификат за приспособеност за лицата со аутизам. Коста Тимов е и претседател на здружението „Говорот од срцето“. Во училиштето во Босилово, поточно во ООУ „Гоце Делчев“, благодарение на овие борци за човекови права и тамошните подржувачи и пријатели, денес има сензорна соба.
Тимов вели дека и новинарот кој прифаќа да пишува за овие теми и да го шири гласот – е нивен соборец. Тој најпрво раскажа како започнала нивната приказна и кога првпат сфатиле дека е потребна приспособена средина за Виктор.
„Од самото искуство што го стекнав со Виктор, одејќи по маркети, институции, ресторани… Се соочив со многу непријатни работи – нашите деца не се прифатени, нема соодветни услови… Беше на безглутенска исхрана, не можеш да му пружиш храна како во овој ресторан. Сфатив дека мора да го менуваме концептот, поради непристапните скали во другите ресторани, па недвижењето на лицето со посебни потреби, па неприлагодено ВЦ… Потоа, и народот не те прифаќа. Во многу сегменти, мораше да направам нешто, кога ќе дојде гостинот со попреченост кај мене – да ги има условите и да се чувствува пријатно. Кога ќе дојдат гостите – со или без попреченост, треба да ги прифатиш од сѐ срце“, изјави Коста.
Така се дошло до идејата за првата „аутизам-френдли“ гостилница.
За градоначалникот Манчев, гостилницата „Кај Виктор“ е благодат, не само за лицата со аутизам, туку и за целата заедница, бидејки на тој начин се создава воопшто подобра општествена средина.
„Фактот дека првата ‘аутизам-френдли’ гостилница во Македонија, се наоѓа во Општина Босилово, за нас како мала и рурална општина има големо значење. Општина Босилово прави напори да влијае на процесот на градење на општествените вредности кај младата популација. Во таа насока, оваа гостилница дава можност на лицата со ограничени можности, не само од нашата општина, туку и од поширокиот регион, да имаат свое катче, место коешто со целиот свој амбиент и околина ги задоволува барањата и потребите на лицата со аутизам, и за тоа ни е посебно драго. Од друга страна, оваа гостилница, со инклузивните настани и активности коишто таму се организираат ни овозможува полесно, побрзо, поквалитетно да се развиват инклузивните процеси во општеството, нешто што според мене е од исклучителна важност“, нагласи Манчев.
Кои се конкретните приспособувања за лицата со попреност да се почувствуваат рамноправни?
Пред сѐ, самиот ресторан се наоѓа во селска, мирна средина. Тоа, патем, одговара и на концептот на селски туризам. Од друга страна, пак, прилагоденоста за лицата со аутизам е, на пр. во приспособената храна – се внимава на приготвувањето, на алергиите, на безглутенската исхрана, органската биохрана… Според Коста, храната е лек, така што, тој и неговиот тим, вели, држат и курсеви за ученици, за здруженија, околу влијанието на исхраната врз здравјето.
Предност е и тоа што гостилницата е оддалечена од автопатот – поради безбедност.
„Не сме загрозени од собраќај. Оградено е, и децата кои се хиперактивни, сепак, се безбедни. Нема каде да залутат, нема каде да се повредат. Рамно е“, истакна сопственикот.

Аутизмот е невроразвоен спектар на нарушувања што влијаат на начинот на којшто личноста комуницира, се однесува и ги восприема секојдневните ситуации. Се јавува во раното детство и трае во текот на целиот живот. Лицата со аутизам често имаат тешкотии во односите и комуникацијата со други луѓе, како и повторувачки однесувања или ограничени интереси. Сепак, симптомите и способностите варираат од личност до личност.
„Знаеме дека аутизмот е и метаболички проблем. Тешките метали, како токсини, кај Виктор имаат влијание, па и терапиите што ги правиме 14 години, нѐ научија многу за влијанието на исхраната. И сега, искуството наше го пренесуваме. Јас сум и професионален готвач, па давам и рецепти, за луѓето да не мора нон-стоп да одат во ресторан за здрава храна – да можат да ја приготвуваат дома“, раскажува Коста.
Ознаката „аутизам-френдли“ во овој ресторан се однесува и на родителите.
„И ним им треба оддишка од секојдневната борба… Просто, кога детето ќе се вознемири за дома, Виктор му ја отстапува собата. Го заменуваме родителот, за тој или таа да се одмори и да се опушти, и дружбата да продолжи. Многу е битно да бидеш корисен за детето, но мора да мислиш и за себе. Тоа е од искуствата коишто јас сум ги доживеал“, нагласи Тимов.
И Виктор е вклучен во работата на ресторанот.
„Виктор е вклучен во одредена припомош во кујната… Лупење и миење зеленчук. Го приготвува тоа што е безбедно за него, зашто со моториката и концентрацијата понекогаш има подобрувања, но внимаваме да не дојде до повреда… Сепак, бидејќи неговата соба е веднаш тука, Виктор веднаш доаѓа и кога се прави пица, ќебапчиња… Ама за да си касне. Виктор е мангуп за тоа“, се пошегува Коста.
Сопственикот на гостилницата тука ни откри дека има намера во блиска иднина да вработи и други лица со попреченост.
Светот на Виктор се компјутерот, лаптопот…
„Тоа е мојот свет. Светот на компјутерите… Имам завршено средно школо за компјутерски техники. Сега одам и во второ специјално школо во Скопје – за графика и дизајн“, вели момчето.
„Цел ден сака да го минува покрај компјутер, ама ние се трудиме и се бориме да го оттргнеме од овие стереотипи“, се надоврза неговиот татко.
Виктор сака да запознава нови луѓе кога доаѓаат како гости во ресторанот.
„Тоа е она што е специфично за лицата со аутизам – умее да препознае енергија. На свој начин знае да пријде, но и да се оттргне. За среќа има прекрасни гости – човечни и културни луѓе, кои сакаат да обрнат внимание, да се запознаат, и Виктор им се придружува. Ја гледа среќата во луѓето“, вели Коста.

Натаму говореше и за своето 23-годишно искуство како родител на лице со аутизам и за пораката до другите родители со слични искуства.
„Од тоа што Виктор е на лекување на врвно ниво и е прво дете во Македонија вклучено во инклузивна настава, ќе речам: За да постигнете успех со вашите деца, прифатете ја вистината. Тоа е најважно. Ако од самиот почеток ја прифатите реалноста, веќе сте 50 отсто успешни. Потоа само се надградувате. Бидете храбри, влијанието од средината нека ви биде во втор, во стоти план. Имајте своја визија, едуцирајте се, не ги кријте децата и бидете горди на нив. Јас сум најсреќниот родител на светот. А, што ќе каже средината, воопшто не „се замарам“ – така јас го гледам тоа. Со такво размислување и став го постигнуваме напредокот на нашето дете и ја градиме нашата среќа“, подвлече Тимов.
Во овој контекст, и една порака до младите родители: „Ве молам, бидете поактивни. Дај Боже ова да се реши, но за жал тешко оди. Прифатете ја вистината. Не бидете пасивни“.
Иако со одредени резерви и задршки, луѓето го прифаќаат концептот на етногостилницата
Прашан, како реагираат гостите кога првпат ќе го посетат ресторанот и ќе се запознаат со концептот, Коста одговара дека свесноста во општеството сѐ уште е на незавидно ниво, но и оти прифаќањето на „поразличните“ почнува од дома.
„На Фејсбук сите изразуваат поддршка, но во реалноста, многу малку луѓе сакаат да бидат тука. Само пред 10 дена беа во Анталија, Турција, во ресторан со ист концепт – со вработени лица со посебни потреби, направено и изградено од општината. Народот таму, видов – одат, се дружат, се хранат, со нивните сметки го прават ресторантот самоодржлив. Да не бидам грешно сфатен – не сакам тоа мене да ме прави некој самоодржлив, ама прифатеноста кај нас нас, за жал, е на многу ниско ниво“, појасни Тимов.

Во ресторанот доаѓаат и луѓе од други градови со своите деца со попреченост, неизбежно споделувајќи ги своите судбини, но и забавни случки, моменти, анегдоти коишто остануваат траен спомен од работата во гостилницата.
„Не беше секогаш сè сиво и темно ‘Кај Виктор’ – има и многу позитивни мигови. Имало деца кои се талентирани за музика, игра, кои сакаат да им помагаат на келнерите и да се дружат со луѓето. Кога ќе видат гостин – некои дечиња сакаат да седнат покрај нив, па се трудат да комуницираат, да се дружат, па си добиваат и честење… Стекнуваат пријатели. Заедно пеат песни, излегуваат во дворот да играат… Има и родители кои ги оставаат своите деца (без попреченост) да се дружат со деца со посебни потреби. Тоа е прекрасен миг којшто нема цена“, заклучи Коста.
Говорејќи за предрасудите и осудувањето во околината и општеството, тој вели дека пречките и сопките се на секој чекор, тргнувајки од самиот систем – запишување во градинка и школо, кога Виктор првично е одбиен. Коста продолжи:
„Тука се и недоличните коментари, па борбите да се докажуваш во средината, кога, на пр., моето дете не е покането на роденден… Но, јас и сум премногу упорен – се наметнувам умно, за да бидеме присутни. Сепак, не сме доволно присутни во општеството. Тоа е вистината. Во нашата средина е така – Виктор е поразличен, па мал круг луѓе го прифаќаат. А, некои роднини и некогашни пријатели, едноставно – ги нема“.

За крај, пораката до читателите и до институциите: „Сега етногостилницата ќе има и соби за издавање. Дојдете, бидете наши гости. Дојдете во едно семејство кое има дете со аутизам, да го почувствувате тоа на некој начин, индиректно – не му посакувам на никого директно да му се случи. Поминете ден-два со нас, ќе научите многу, ќе го почувствувате нашиот начин на живот. И тоа е најдобрата инклузија – директно да почувствувате преку разговор“.
Така и подобро ќе се запознаеме со оваа проблематика, и тоа ќе се пренесува и распространува во полза на подигање на свеста на општеството за лицата со аутизам и други попречености, „а не од незнаење да коментираме“, како што нагласи Коста.
Аутизмот е долгорочна и трајна состојба којашто може да се третира, но не и да се лекува. Со соодветна поддршка и интервенции, социјалните вештини и квалитетот на животот на личноста може значително да се подобрат. И додека некои од лицата со аутизам имаат и интелектуална попреченост, сепак многумина од нив се одликуваат со натпросечна интелигенција, честопати со нагласка на меморијата, препознавање шеми и повторливост, како и вештините за извонредна сосредоточеност – како посебно силни страни. Тоа, секако, ги прави успешни луѓе.
МИА






