Претходно, македонското Министерството за енергетика и рударство соопшти дека се завршени техничките инспекции на продуктоводот.
Со објавата на почетокот на работата, од друштвото Вардакс ги повикаа квалификуваните трговски компании кои сакаат да соработуваат и да го користат продуктоводот, да се информираат за важечките процедури достапни на веб-страницата на компанијата.
Но она што е забележливо на веб-страницата на компанијата е дека информациите можат да се добијат на англиски и на грчки јазик, додека опција за македонски јазик не постои. Првата забелешка е во контекст на бизнис-комуникациските, односно информативни можности, со оглед дека компанијата се обраќа на македонските деловни субјеки, кои би сакале да ги користат услугите на продуктоводот. Но, освен тоа и на самата веб- страница е наведено дека 20 отсто од сопственоста на компанијата Вардакс е на државата Македонија, односно таму сè уште фигурира акронимот ФИРОМ.

Всушност целосната сопственичка структура на цевководот Скопје – Солун, т.е. на „Вардакс“ е компанија во која 80% сопственост има грчката „ХЕЛЛЕНИК Енерџи“ и 20% Владата на Македонија.
Можеби неажурираноста на информацијата за името на сопственикот со 20 отсто удел во компанијата, макар и според Преспанскиот договор, би се објаснила со фактот дека компанијата практично не функционирала 13 години. Колку и да се чини дека отворањето на прашањето за името на државата косопственик на компанијата ( Македонија) и нејзиниот службен јазик (македонскиот) е отворање на политички теми, во случајот сепак не станува збор за тоа. Конкретната ситуација произлегува од правото на сопственост, како и прашањата за деловна функционалност. Македонската држава, т.е. Владата, како косопственик на продуктоводот треба да потсети на ажурирање на информациите на веб-страницата на компанијата, како и на нивна достапност на службениот јазик на Република Македонија – македонскиот јазик. Едноставно, македонските компании имаат право и пофункционални се да ги имаат информациите и на македонски јазик.

Продуктоводот Солун – Скопје беше пуштен во функција во 2002 година за пренос на сурова нафта, а по 2013 година беше предмет на инвестиции за негова пренамена во инфраструктура за транспорт на дизел гориво.
Станува збор за систем во должина од 213,5 километри. Инфраструктурата располага со 15 блок-вентил станици за подобрено управување и високо ниво на безбедност, складишни капацитети од 80.000 кубни метри во Грција и 30.000 кубни метри во земјава, како и современ SCADA-систем за следење на притисок, температура и проток во реално време.
Ј.П.






