Со измените на Законот за јавни патишта изгласани во Собранието минатиот месец, беше најавено дека ќе се овозможи поширока мрежа на достапност за купување и надополнување на уредот М-ТАГ, освен во просториите на Јавното претпријатие и во други места.
Објавениот повик на ЈПДП содржи прилози за техничка спецификација на микробранови транспондери (ТАГ) за електронска наплата на патарини, како и за техничка специкација на апликативниот софтвер.
„Електронските системи за наплата на патарина мора да овозможат наплата на патарина со употреба на микробранова (ДСРЦ) технологија на работна фреквенција од 5,8 гигахерци (GHz). Воспоставениот ETЦ систем е во согласност со европските стандарди за електронски системи за наплата на патарина. За таа цел, Јавното претпријатие за државни патишта на лентите без застанување има поставено микробранови ДСРЦ антени Сингл лејн трансривер за размена на податоци помеѓу сообраќајната лента и возилата опремени со ТАГ уред. Антените се со микробранова фреквенција од 5,8 GHz и се целосно компатибилни со европските стандарди“, се наведува во повикот.
За да може да им се обезбеди на корисниците на патот да ја користат услугата да платат патарина без застанување потребно е да се набават микробранови транспондери (ТАГ) со минимални технички карактеристики, пропишани во повикот.
„Секоја фирма со кое ќе се потпише договор треба да обезбеди специјализиран апликативен софтвер за овозможување и следење на услугите кои се предмет на договорот. Апликативниот софтвер треба да овозможи повеќе функционалности меѓу кои и можност електронските уреди за наплата на патарина (ТАГ) купени преку мрежата на трети страни да се активираат преку истиот со слободен избор на видови на плаќање, овозможување на плаќање, контрола и управување. Треба да биде изработен како модерно веб решение, достапно преку било кој модерен веб пребарувач, како и да обезбеди целосна интеграција со постоечкиот систем за наплата на патарини на договорниот орган“, пишува во повикот.
Како што изјави неодамна директорот на ЈПДП Коце Трајановски, со малопродажната мрежа за ТАГ-овите, ќе се намали времето на чекање, односно ќе се забрза протокот на сообраќај на наплатните станици, ќе се зголеми ефикасноста на наплатните станици, како и безбедноста во сообраќајот, а воедно и ќе се намалат злоупотребите.
При користење на уред за електронска наплата на патарина ( ТАГ) возилото само ја намалува брзината на возење при што рампата автоматски се отвара.
Електронски систем за наплата на патарините беше воведен во јули 2019 година на наплатните станици Романовце, Отовице, Сопот и Градско на коридорот 10, како и на Петровец. На коридорот 8 има електронска наплата од 4 април минатата година на наплатната станица Глумово, а наплатната станица Желино, се трансформираше во електронскиот систем еден месец подоцна.
Јавното претпријатие за државни патишта најави и изработка на проектна документација за затворен систем за електронска наплата на патарина на коридор 8, а веќе изработува и документација за реконструкција на наплатната станица Миладиновци за поставување електронски систем за наплата.
Од патарини во првата половина од годинава се наплатени 1.900.255.930 денари односно 30,89 милиони евра што е за 78 милиони денари повеќе во однос на истиот период од минатата година.






