Овој апел од Јавното претпријатие за државни патишта, доаѓа по денешните протести на локалното население и блокадата на патот. Тие бараат друго, прифатливо решение за да не се блокира, како што велат, животот во регионот за околу 10.000 жители. Работите според, жителите траат многу долго, повеќе од една година.
„Градежните работи за санација на трупот на патот на регионален пат Р1306, делница Прилеп-Крушево (кај Славеј), во должина од 920 метри се при крај и најдоцна до 25 мај патниот правец повторно ќе биде ставен во функција. Замолуваме за трпение од страна на локалното население заради квалитетно завршување на градежните работи“, соопштуваат од ЈП за Државни патишта.
Од претпријатието информираат дека останува понуденото сообраќајно решение како досега.
„За време на изведбата на градежните работи, патниот правец е затворен за сообраќај и согласно со одобрениот сообраќаен проект за режим на сообраќај, поставена е соодветна сообраќајна сигнализација заради безбедност во сообраќајот“, се наведува во соопштението на ЈПДП .
За жителите досегашното понудено решение е небезбедно, зашто станува за тесен патен правец во ширина од 3,6 метри, кој е опасен за учесниците во сообраќајот и целосно им го отежнува животот и ги блокира земјоделско-стопанските работи долг период.