петок, 3 април 2026

Јовевски: Потпишувањето на колективните договори во јавниот сектор е историски моментум

Професорот по трудово право Лазар Јовевски смета дека потпишувањето на 60-те поединечни колективни договори со институци од јавниот и државниот сектор е историски моментум во оваа сфера, бидејќи, како што нагласува, спецификата е што на овој начин се навлегува многу подлабоко во однос на одредени прашања кои се поврзани, односно се од значење за самите вработени. На ваков начин, вели, има една лепеза на подобрени права кои се однесуваат на сите вработени, плус, како што смета, тоа е круната на целиот процес, а тоа е покачувањето на платите, кое за околу две години треба да изнесува околу 42 – 43 проценти.

Објавено на

часот

Сподели

Според него, ова е нешто што до сега се нема случено на ваков начин во држава Македонија, од осамостојувањето, па до денес.

Тоа што особено го радува, вели Јовевски во гостување на Њузмакс, е што на ова прашање му се пристапува системски и што се остава простор за зголемување на платите и во иднина, а не само еднократно. Така што, нагласува професорот Јовевски,  ова нешто е поинакво и покажува дека Македонија е веќе лидер во колективното преговарање во јавниот сектор во регионот.

Додава дека гледано и од теоретско – правен аспект, не само од практичен, туку и од научен аспект, се гледаат чекорите, се гледа визијата, се гледа аспектот на тоа дека има план, стратегија и методика, начин како да се оствари одредената цел. Овие договори што ги направи Владата, смета Јовевски, треба да биде охрабрување и за самиот бизнис сектор, да седне да разговара со синдикатите и да види како може да се решат работите во овој сектор.

„Јас вообичаено не сум човек којшто сака да кажува силни зборови, но како професор по трудово право се радувам што сум современик и сведок на еден, би рекол, историски трудово правен моментум во нашата земја, целиот јавен сектор, односно сите административни службеници, вработени како административни службеници или државни службеници, попознати помеѓу граѓаните, да бидат опфатени со колективни договори и тоа не било какви колективни договори“, вели професорот.

Појаснува дека претходно имало општ колективен договор за јавниот сектор, или грански, но, како што вели, сега има еден сосема нов моментум, една децентрализација на колективното преговарање на ниво на цел јавен сектор, каде што секоја институција во државата склучува поединечен колективен договор.

„Тоа значи колективен договор на ниво на работодавач, односно на самата институција, на самиот орган, на самото министерство. Од една страна е министерот, директорот, раководителот, зависно од самата институција како е внатрешно организирана, од друга страна е синдикатот или синдикатите, доколку постојат повеќе синдикати. Што е суштината, и што е спецификумот на ова преговарање на ова ниво? Спецификата е што на овој начин, всушност, се навлегува многу подлабоко во однос на одредени прашања коишто се поврзани, од значење за самите вработени, за самите административни службеници. Покрај прашањето за платите, коешто е секако основно и круцијално за секој вработен, па и за административните службеници, се допираат и прашања коишто се поврзани со годишните одмори, прашања со отсуствата, прашања со безбедноста и здравјето при работа, прашања поврзани со начинот на користењето на годишен одмор, со работното време. Се флексибилизира работното време, се отвора една нова можност за вработените, која што мислам дека особено добро беше примена од страна на синдикатите“, вели професорот по трудово право.

На ваков начин, потенцира, се содава еден спректрум на подобрени права коишто се однесуваат на сите вработени во јавниот сектор.

„Плус на ова е круната на целиот процес, а тоа е покачувањето на платите, во кумулативна вредност од 42 до 43 проценти за две години, сметајќи од крај на март 2026 година, значи од пред некој ден, до 1 март 2028 година. Значи, ние во тој период од 24 месеци, буквално календарски две години, ќе имаме зголемување на платите на административните службеници од 42 до 43 проценти. Кога зборувам за 42 и 43 проценти, тоа значи дека зголемувањето оди номинално за секоја година седум проценти на платата, но е врзано со основицата на платата, плус зголемувањето и растот на минималната плата. И тоа потоа се зголемува за седум проценти. Пресметките се дека минималната плата во следните години, исто така како и оваа година, ќе расте негде околу шест проценти, сега е над шест. Така што оваа година веќе имаме речиси 14 проценти зголемување на основната плата на вработените. Значи, не се седум проценти, туку вкупно 14, двојни ако се земе предид и зголемувањето на минималната плата“, смета Јовевски.

Ако тоа се стави во една прогресија за следната 2027 и за 2028 година, како што вели, ќе се види дека сега имаме 14 проценти, потоа во 2027 година ќе има 13 проценти, може и повеќе, но и во 2028 година, исто така, 13 проценти.

„Значи вкупно 26 проценти и овие 14 од сега, тоа се веќе  40 проценти и основицата ви се зголемува секоја година. Со самиот раст оваа година пресметката за следната година на која што ќе се засметува минималната плата и покачувањето ќе биде повисока во старт бидејќи еве сега имаме покачување од речиси 14 проценти, така што уште за два или три проценти се зголемува самата основица за овие години. Зголемувањето е, би рекол, очигледно, забележливо, ќе има ефект и е нешто што до сега се нема случено на ваков начин во држава Македонија, зборувам од осамостојувањето, па до денес“, потенцира Јовевски.

Говорејќи за колективните договори и нивното значење нагласува дека гледано и од теоретско – правен аспект, не само од практичен, туку и од научен аспект, се гледаат чекорите, се гледа визијата, се гледа аспектот на тоа дека се има план, стратегија и методика начин како да се оствари одредената цел.

„И тоа може да се забележи во овие колективни договори. Но, истото можеше и претходно да се забележи уште минатата година, кога се склучуваа колективните договори и кога се преговараше во делот на образованието, во делот на здравството, или кај некои други сектори, како што беше полицијата, одбраната… Тоа што мене особено ме радува сега е што се пристапува систематски, чекор по чекор, и се унапредуваат правата со одредена извесност дека и во следните години ќе има исто така подобрување на правата. Не се решенијата ад хок, како што изминативе 35 години бевме научени да ги гледаме. Тогаш и кога се случувале покачувања најчесто биле  еднократни со краток учинок во таа тековна година. Ретко некогаш  да имало и следно покачување. Така што ова нешто е поинакво и покажува дека Македонија е веќе лидер во колективното преговарање во јавниот сектор во регионот“, вели професорот.

Според него, ниту една од соседните земји, дури дел од нив членки од ЕУ, немаат колективни договори од ваков тип  за секоја институција каде што сите вработени и административни службеници, односно јавни службеници се опфатени.

Се надева дека оваа зрелост, овој пример што сега го покажуваат социјалните партнери, пред се, како што потенцира Владата, од една страна како работодавач во јавниот сектор и синдикатите од друга страна, ќе биде фундаментот, темелот, новото ниво за кое се надева дека во иднина нема некој друг да го враќа назад.

„Навистина се покажа како добар и уникатен пример и регионално, но и европски, па и светски и во тој дел би било глупаво ние да не учиме, и да не созреваме и да не одиме уште понапред од ова што сега го имаме. Дотолку повеќе што јас лично сметам и  се надевам дека овој пример којшто го даде сега Владата со синдикатите, треба да биде охрабрување и за самиот бизнис сектор, да седне да разговара, да види како може да се решат работите и во бизнис секторот. Но самиот социјален дијалог во бизнис секторот има една поинаква нота, еден поинаков би рекол, и вкус и мирис. Зошто? Затоа што во бизнис секторот имаме многу мала синдикална густина. Ниту еден од синдикатите во Македонија и на национално ниво коишто се препознаени и коишто се репрезентативни национално, не се репрезентативни само во бизнис секторот, не го исполнуваат цензусот за репрезентативност, на ниту едно ниво во однос на како да бидат претставници на работниците во бизнис секторот“, нагласува професорот по трудово право.

Во такви околности, според него, прво што треба да се подобри е да се работи на менување на концептот кај компаниите дека синдикатот е проблем. Ако бизнисот на синдикатот му пристапи искрено, но и обратно, потенцира дека може да се дојде до подобрување и на правата на вработените, но и на работењето на самата компанија, а соодветно на тоа и остварување на подобар профит и подобро профилирање на компанијата на пазарот.

„Тогаш мислам дека ова е вин – вин пристап и на таков начин и синдикатите и работодавачите треба да бидат охрабрени, едните – синдикатите да покажат зрелост за разговор, а другите да овозможат синдикатите да функционираат во нивните компании. Да не се плашат од формирање синдикати и на овој или оној начин да се обидуваат да го спречат синдикалното движење во стопанството. Тоа на долг рок не дава добри резултати, и ние тоа го гледаме изминативе децении дека се создаваат одредени тензии, одредени проблеми, при што не можат одредени прашања да се артикулираат, да се канализираат преку разговор којшто би требало да се одвива на маса, на мирен начин, со колективно преговарање да се дојде до одредени резултати“, вели професорот Јовевски.

Сѐ е процес, нагласува тој, Македонија зрее како држава и тоа, вели го радува. Според него, полека, но сигурно, се оди чекор по чекор. Верува дека одличниот пример, не добар, туку одличниот пример којшто во моментов се случува во  јавниот сектор, ќе рефлектира ветар во едра како вели народот, и во бизнис секторот и таму да има одредени поместувања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ