„Она што најмногу го погодува македонскиот земјоделец се ниските откупни цени, неорганизираниот пласман и нелојалната конкуренција на пазарот за откуп. Дополнително, недостигот на договорно производство, ограничената едукација и инвестирање во нови технологии, како и недостатокот на знаење за претприемништво, ја отежнуваат работата на земјоделците“, истакна Јорданоски.
Претседателот на НФФ посочи дека миграцијата од руралните средини кон градовите и странство достигнува загрижувачки 50 проценти, а според пописот од 2021 година, урбаното население во Македонија изнесува 61,6%, додека во руралните средини живеат само 38,4% од граѓаните. Тој истакна дека оваа демографска структура дополнително го влошува проблемот со стареење на работната сила и недостиг на млади земјоделци.
„Во најголем процент, работниците во земјоделскиот сектор се на возраст над 50 години, што негативно влијае на продуктивноста и ја зголемува оптовареноста на постојните земјоделци“, нагласи Јорданоски.
За да се подобри состојбата, тој предложи инвестирање во инфраструктура, едукација и обука на младите лица, воведување нови технологии и финансиска поддршка за стартување земјоделски бизниси. Дополнително, кампањите за промоција на земјоделството и поволните кредити се значајни за одржливост на руралните средини.
Јорданоски се осврна и на значајните чекори во 2025 година, како донесувањето на Националната стратегија за консолидација на земјиштето 2025-2035 и мерката 112 за младите земјоделци од Програмата за рурален развој. Тој истакна дека ревидирањето на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој и подготовката на новиот Закон за земјоделство и рурален развој се клучни за унапредување на секторот.
„Новата законска рамка ќе овозможи заеднички настап на пазарите, економски форми на здружување, справување со климатските промени и поттикнување на младите да се занимаваат со земјоделство“, додаде Јорданоски.
Тој посочи и значај на континуираната Програма за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје и кампањата „Македонско најдобро“, како и на саемските манифестации што ги поддржуваат македонските производители.
Јорданоски нагласи дека економскиот и социјалниот статус на жените земјоделки се значајни за развојот на секторот, особено преку Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност, која обезбедува платен надоместок при мајчинство.
На крајот, претседателот на НФФ посочи дека за следната година потребна е засилена поддршка за економските форми на здружување, навремена исплата на субвенциите и поддршките, како и контрола на злоупотребите на ИПАРД програмата. Тој додаде дека Федерацијата ќе продолжи со едукација и кампањи за поттикнување на купување домашни земјоделски производи.






