недела, 7 декември 2025
Интервју

Јордан Димитровски: Време е да ја „прекодираме“ реалноста

Технички гледано, имаме добра основа за дигитална трансформација, солидна телекомуникациска инфраструктура и стабилна интернет покриеност. Но, дигиталната инфраструктура не е само технологија – тоа е и институционален и човечки капацитет. Тука имаме најмногу работа. Потребна е целосна дигитализација на јавниот сектор со поврзани системи, отворени податоци и функционални е-сервиси, вели во интервјуто за МКД.мк Јордан Димитровски, претседателот на МАСИТ,  Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии.

Објавено на

часот

Сподели

Димитровски е извршен директор и сопственик на AITONIX – водечка компанија за ИТ дистрибуција и развој на софтверски решенија, која оперира на пазарите во Македонија, Србија и Бугарија. Тој има повеќе од 25 години искуство во регионалната ИТ индустрија, со фокус на корпоративен менаџмент, стратешко планирање, продажба и бизнис развој.

Веќе неколку месеци сте на чело на МАСИТ како претседател на Управниот одбор. Како се чувствувате во оваа нова улога и какви се вашите првични предизвици и амбиции?

– Да, навистина, мојот мандат како претседател на Управниот одбор на МАСИТ започна во мај 2025 година. Во овие први месеци чувствувам голема енергија и мотивација — претседателската позиција е чест, но исто така сериозна одговорност и обврска да дадам реален придонес во развојот на индустријата. Моите амбиции се многу јасни: да донесеме конкретни резултати во следните 3 години — преку зајакнување на соработката со државните институции околу прашањата за регулативи и дигитализација како и преку политика која ќе го поддружва нашиот технолошки сектор и ќе покаже јасен правец на развој.

МАСИТ оваа година одбележува 25 години постоење. Кои би ги издвоиле како најзначајни придобивки и достигнувања на Комората во развојот на ИКТ (информациски и комуникациски технологии) секторот во Македонија во овој период?

– Оваа година е навистина посебна за нас. Во овие 25 години успеавме да ја позиционираме ИКТ индустријата како стратешки економски сектор во земјата. МАСИТ, како секторска комора, стана препознаена и етаблирана на пазарот и денес е една од четирите најзначајни деловни комори во Македонија.

ИКТ компаниите се меѓу најбрзорастечките извозници, со услуги што се конкурентни на глобално ниво. Горди сме што преку МАСИТ изградивме стабилна платформа за дијалог со институциите и што сме релевантен партнер во креирањето на политики.

Она што го сметаме за најголема придобивка е што создадовме услови компаниите да се поврзуваат, да соработуваат и да растат. Комората денес е место каде што индустријата добива поддршка, информации и претставување — и тоа е основата врз која продолжуваме да го градиме развојот на ИКТ секторот.

Најавена е годишната конференција на МАСИТ,  која ќе се одржи на 3 декември. Насловена е „Recode Reality” може ли на кратко за насловот што всушност значи? Kои се клучните теми и цели на конференцијата, кој сѐ ќе биде гостин и што може да очекуваат учесниците, но и кои резултати очекувате да произлезат од неа на национално ниво?

– Recode Reality носи силна порака – време е да ја „прекодираме“ реалноста. Да ја редефинираме улогата на технологијата во општеството, бизнисот и секојдневието. Конференцијата ќе ги опфати темите на дигитална инфраструктура и телекомуникации, вештачка интелигенција, сајбер безбедност, развој на дигитални вештини, искористувањето на податоците за подобар бизнис, можности за финансирање и соработка, итн. Имаме навистина богата програма со учество на реномирани говорници од Македонија и странство, компании, претставници на државните институции, голем број на партнери и учесници,. Нашата цел е да креираме конкретни предлози и партнерства кои ќе придонесат кон реален напредок на национално ниво. Очекуваме оваа конференција да биде платформа од која ќе произлезат идеи што ќе ја обликуваат дигиталната иднина на Македонија.

МАСИТ има позиција на една од најдинамичните стопански комори во земјата. Како планирате да ја развивате улогата на Комората во претстојниот период, особено во дијалогот со институциите и бизнис заедницата?

– Нашата визија е МАСИТ да биде уште посилен глас на индустријата – и конструктивен партнер на државата. Во следниот период ќе се фокусираме во три насоки. Прво, унапредување на јавните политики и застапување на интересите на ИКТ секторот. Второ, интернационализација и подобро позиционирање на Македонија на мапата на регионалните дигитални и технолошки центри. И трето, поголема поддршка за членовите преку вмрежување, иновации и пристап до европски и донаторски фондови.

Дигиталната трансформација е клучен фактор за економски развој. Каква е Вашата проценка за моменталната состојба на дигиталната општествена инфраструктура во Македонија и кои се најитните реформи што треба да се направат за да се забрза напредокот?

– Технички гледано, имаме добра основа – солидна телекомуникациска инфраструктура и стабилна интернет покриеност. Но, дигиталната инфраструктура не е само технологија – тоа е и институционален и човечки капацитет. Тука имаме најмногу работа. Потребна е целосна дигитализација на јавниот сектор со поврзани системи, отворени податоци и функционални е-сервиси.

Втората клучна точка е образованието – мораме да создадеме генерации со практични дигитални компетенции. И трето, секако, потребна е поголема поддршка за малите и средни претпријатија кои сакаат да се дигитализираат. Без овие три сегменти, дигиталната трансформација ќе остане половична.

Во споредба со регионот, каде се наоѓа Македонија во процесите на дигитализација? Дали заостануваме, држиме чекор или предничиме во одредени сегменти, и што треба да научиме од примерите на соседните земји?

– Би рекол дека држиме чекор, но со одредено задоцнување во имплементацијата. Во споредба со земјите од регионот на пример, Србија и Хрватска, побрзо ги воведуваат дигиталните јавни услуги и имаат поцврста стратегија за развој на ИКТ кадарот. Од друга страна, Македонија има исклучително динамичен приватен сектор – наши компании развиваат решенија кои се користат низ цел свет. Она што треба да го научиме од соседите е дека државата може да биде катализатор на дигиталниот развој, а не само регулатор. И дека преку регионална соработка можеме заеднички да станеме поконкурентни на европскиот пазар.

Р.М.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ