Од синдикатот сметаат дека потегот на Министерството за правда да ги вклучи јавнообвинителските службеници во процесот на подготовка на закон што е лекс специјалис токму поради специфичноста на оваа служба и ги уредува нивните права и обврски ќе вроди со плод и дека конечно ќе се слушне гласот на јавнообвинителските службеници. Во групата учествуваа претставници од сите категории на службеници и беше подготвен закон што ги адресираше сите реални проблеми и потреби со кои се соочуваат, услови за работа, обврски, надлежности, дежурства, надоместоци, дневници и најважно, соодветно вреднување преку системот на плати и коефициенти.
„Овој предлог на закон подготвен од претставници од базата на јавните обвинителства ги отстранува недостатоците од претходниот закон и обезбедува стабилност на службата, која денес е сведена на само една четвртина од потребниот број вработени. Но, со објавување на законот на ЕНЕР нашите надежи пропаднаа бидејќи се појави верзија на Законот за јавнообвинителска служба која во клучните делови не кореспондира со нашите предлози и повторно ги остава службениците без решенија за суштинските проблеми. Во овој контекст ќе потсетиме дека во 2023 година, поради истите нерешени прашања, бевме принудени да организираме штрајк што траеше три месеци. За жал, тогаш немаше слух за нашите барања“, велат од синдикатот на обвинителските службеници.
Затоа дополнуваат оттаму, кога повторно се најавува носење на новиот закон и кога секоја синдикална организација наоѓа „пат“ до извршната власт, тие како синдикална организација на јавните обвинителства сметаат дека мора да бидат дел од преговорите како единствени претставници на јавнообвинителската служба.
„Остануваме на нашиот предлог-закон, подготвен од работната група во соработка со Министерството за правда. Платите на јавнообвинителската служба мора да се зголемат и воедно да се уредат сите елементи на работниот однос – дежурства, надоместоци, дневници и вонредна работа, кои иако беа утврдени и во одредбите на стариот закон и ни следуваат, не се исплаќаат. Јавноста треба да има предвид дека нашата работа е специфична и бара висок степен на одговорност, доверливост, чесност и професионалност. Но кога овој труд не е соодветно вреднуван, службата станува неатрактивна, а платите и додатоците се под државниот просек, ниту еден службеник не зема плата во висина на просечната плата во државата. Затоа, силно апелираме законот за јавнообвинителска служба да се донесе веднаш по локалните избори во форма во која беше подготвен првично и итно да започне со подготовка и имплементација на сите подзаконски акти, како и отстранување на бариерите за кадровско екипирање“, велат од синдикалната организација на јавнообвинителската служба.






