На јавната дебата за предлог-законот Јанушев потенцира дека целта е обезбедување еднаков пристап до функциите и именувања според заслуги, како и непристрасно и одговорно вршење на работите на органите на државната управа во насока на јакнење на владеењето на правото и унапредување на ефикасноста на сите органи.
„Функциите на високите раководители треба и мора да се достапни за сите заинтересирани кандидати под еднакви услови. Именувањето висок раководител е предвидено да се врши во транспарентна, фер и конкурентна постапка за селекција, со што се гарантира изборот на најуспешниот и најдобар кандидат“, истакна Јанушев.
Со законот, дополни, се воведуваат јасни и унифицирани правила за избор на директори, членови на колегијални органи, управни одбори и државни секретари.
„Со ова се стремиме кон намалување на влијанието при именување на високите раководители. Евидентни се посветеноста и заложбата на оваа Влада на реформите на јавната администрација“, рече Јанушев.
Пред генералниот секретар на Владата се обрати министерот за јавна администрација, Горан Минчев, презентирајќи го предлог-законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите.






