Јанкуловски, во гостување во ТВ 21 потенцираше дека исплатата се врши непречено и оти редовно се исплаќаат плати, социјални надоместоци, К-15, блок-дотации кон општините и други тековни трошоци. Нашата цел, вели тој, е целосно да се реализираат и приходите и расходите во Буџетот согласно планираното, како и буџетскиот дефицит да се заврши на планираното ниво.
„Трезорот, како составен дел од Министерството за финансии, работи и ќе продолжи да работи најнормално, како и сите институции, до 31 декември 2025 година. Со начинот на кој сега функционира Трезорот и со навремените исплати, јасно покажавме дека нема никаков застој. Редовно се исплаќаат социјалните надоместоци, К-15, обврските преземени во соработка со надлежните агенции, блок-дотациите кон општините, како и платите и другите тековни трошоци. Секоја обврска која ќе биде евидентирана и прифатена за плаќање, ќе може да се исплати заклучно со 31 декември“, рече заменик-министерот.
Тој појасни дека информацијата што Министерството за финансии ја достави до буџетските корисници и институциите во државата за доставување на налозите до 15 декември беше исклучиво од организациски аспект.
„Целта беше до 15 декември да ги достават налозите за плаќање, за Трезорот навремено, до крајот на годината, да може да ги испланира сите расходни ставки и да ги обезбеди потребните информации поврзани со останатите фискални параметри. Сè друго, приказните за затворање на Трезорот, дека нема да има пари или дека ќе настане финансиски застој беа пласирани од страна на опозицијата“, наведе Јанкуловски, кој дополни дека најголемиот дел од институциите целосно го почитуваа рокот и навремено ги доставуваат налозите.
Заменик-министерот потенцира дека секоја обврска која ќе биде евидентирана и прифатена за плаќање, ќе може да се исплати заклучно со 31 декември и оти за тоа до крајот на годината ќе бидат обезбедени потребните средства.
„Даночниот календар е добро познат и очекуваме дополнителни приливи до крајот на месецот по основ на данок на добивка, данок на додадена вредност кој доспева на 25 декември, како и социјалните придонеси што се уплатуваат на крајот на месецот. Имајќи предвид дека значителен дел од компаниите во овој период исплаќаат бонуси и регреси за вработените, нашите очекувања се дека планираните приходи во најголем дел ќе бидат реализирани“, рече заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.






