Во соопштението се наведува дека Светозар Јаневски, првиот човек на компанијата „Тивеш“, која е најголем производител на вино во Македонија и еден од водечките во Југоисточна Европа, во разговорот што го водеше со Радојка Николиќ, главна и одговорна уредничка на Magazinabiznis.rs, нагласи дека долгорочните резултати не се случајност, туку се градат преку дисциплина во планирањето, доследност во реализацијата и постојано унапредување на процесите.
„Победуваат оние што настапуваат организирано на пазарот. Ако не сте со став дека мора да победите, тогаш и ќе изгубите. За да го постигнете тоа неопходен е континуитет во развојот и оперативна прецизност, бидејќи, квалитетот на финалниот производ зависи од одлуките што се носат во лозјето, во визбата, и од стандардите што компанијата ги применува од година во година. Континуираното инвестирање и воведувањето на нови иновативни технологии е основа за долгорочен раст. Нашиот успех не е случаен, туку е резултат на организиран настап на пазарот, со јасни цели и мерливи резултати“, порача Јаневски.
Во рамките на панелот се дискутираше и за големата слика на работењето во индустријата на пијалаци, инвестициите во примарното производство и логиката на пазарната конкуренција. Во последните години, на национално ниво, во земјоделството се инвестирани 1,2 милијарди евра.
Осврнувајќи се на сопственото искуство на „Тиквеш“ во унапредувањето на свежината на вината и намалувањето на киселоста, Јаневски потенцираше дека тоа е резултат на повеќегодишна работа, потпирање на учење преку практика, но и изградба на сопствени процеси.

Инаку, Копаоник бизнис форум повеќе од три децении е еден од најрелевантните економски настани во регионот од висок профил. Форумот е платформа за дијалог меѓу носителите на економските политики, бизнис-заедницата и експертската јавност, со фокус на унапредување на економските перформанси, индустрискиот развој, регионалната интеграција и одржливите модели на раст. Годинава, форумот обединува над 1.500 учесници, меѓу кои шефови на држави, премиери и министри, претставници на меѓународни финансиски институции, регулатори, дипломати, научници и компании од регионот и пошироко. На овогодинешното издание на форумот, говорниците имаа можност, преку бројните панели, да дебатираат за повеќе теми од сферата на бизнис и економија, индустриска политика, регионална интеграција, дигитална трансформација и вештачка интелигенција, енергетика, инфраструктура, финансии, ESG и циркуларна економија, образование, здравство, климатски промени и идни модели на економски развој. Претседателот на УО на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, е дел од овој форум, а компанијата е и долгогодишен поддржувач на Копаоник бизнис форум.
„Учеството на Јаневски ја потврдува активната улога на ‘Тиквеш’ во регионалниот економски дијалог и нејзината определба за одржлив и стратешки развој, иновации и градење конкурентна винска индустрија со долгорочна визија. Лидерската позиција на ‘Тиквеш’ во земјава и регионот е резултат токму на примената на иновации, дигитализација, алатки базирани на вештачка интелигенција и зелена технологија. Винарската визба ‘Тиквеш’ во континуитет инвестира во воведување напредни практики за производство на грозје и вино, користејќи ја експертизата на врвни реномирани експерти од Франција, Италија и Словенија“, велат од компанијата „Тиквеш“.






