„Улогата на високото образование е да создава јавно добро, да создаде интелигенција, која понатаму ќе ја развива државата. Да создава стручни, компетентни, но и емпатични и морални личности, кои во иднина ќе обезбедат општествен просперитет. Од друга страна, државата ги финансира високообразовните установи и оттука треба да бара отчетност за трошењето на средствата и одговорност за постигнатите резултати“, истакна Јаневска.

Законот, како што потенцира министерката, нуди меритократија, интернационализација и мотивација за соработка, која недостига кај академскиот кадар, вклучително и научноистражувачка работа, која е неделива од образовната. Таа смета дека предлог-законот има можност за доработка, односно некои одредби ќе се променат по сугестиите на академската заедница.
Според неа, треба да се довршат сите јавни расправи и потоа, кога сè што треба ќе биде коригирано, законот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР неколку дена по што ќе влезе во владина процедура. Јаневска информира и дека во текот на вчерашниот ден е објавен и предлог-законот за научноистражувачка дејност.
Членовите на МАНУ се согласни дека се потребни промени во високото образование напоменувајќи дека сите забелешки што ги имаат за законот неделава ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.
МИА






