Според министерката, послабата оценка не е казна, туку треба да биде мотив за постигнување на одредени компетенции, вештини и квантум на знаење кој ќе му помогнат во животот на детето.
„Ако тое е задоволно од својот труд, од своите постигнувања ќе биде задоволно и целото општество, иако тоа е масовна појава. Има неколку мерки кои досега сме ги презеле – на пример со Е-дневникот, со разни програми со кои се обидуваме да влијаеме на разни стереотипи и предрасуди и ќе продолжиме во ист правец“, рече Јаневска.
На уште едно новинарско прашање за потребата од воведување на приемен испит на факултетите, министерката Јаневска рече дека не е забрането да се одржуваат приемни испити на факултетите и тие сами можат да донесат одлука за таквп нешто.
„На пример, на Архиотектонскиот факултет се одвива некаква претквалификација, дури и обука за испит, меѓутоа според ЕУ , а и нашиот систем кој сега ние го направивме, децата имаат матура и неправедно е да имаат две скалила на елиминација во нивното напредување во високото образование“, смета Јаневска.
Додаде дека е направена измена на матурата според барање на учениците и наставниците, таа е одвоена – државната стручна матура од државната матура, која фактички е гимназиска.
„Зошто? Бидејќи, децата во стручните школи имаат помал обем на општообразовни предмети, а оние што се во гимназија имаат повеќе. Тие ќе бидат на исто ниво, двете ќе бидат државни матури и ќе имаат проодност кон високото образование, па и она што јас не сакам да го кажам, но има и такви случаи – и за образование во странство. Но, материјалот од општообразовните предмети што ги полагаат децата од стручното образование ќе биде прилагоден на нивните наставни планови и програми“, посочи министерката за образование и наука, Весна Јаневска која денеска во Струмица присуствуваше и се обрати на петтиот панел од националната кампања „Магијата е во знаењето“ на Министерството за образование и наука.






