Тоа е важно, затоа што се соочуваме со реални демографски предизвици кои бараат нови модели за привлекување и задржување студенти и кадри. Недостатокот на вештини и иселувањето на талентите не можат да се решаваат изолирано, туку преку мобилност, циркулација на идеи и, пред сè, преку заеднички решенија.
Ова го нагласи министерката за образование и наука, Весна Јаневска на затворањето на конференцијата, на која во изминатите два дена беа презентирани бројни идеи, искуства и насоки за унапредување на интернационализацијата и засилување на регионалната соработка во делот на високото образование.
Беше потенцирана важноста на инвестирањето во знаење, иновации и врски со индустријата, како и усогласување на студиските програми со потребите на пазарот на труд, како основа за создавање конкурентен и иновативен систем на високо образование.
„Ние сме мали држави во регион со огромен потенцијал. Зголемените вложувања во високото образование, засновани на регионална соработка и размена на искуства во рамки на европските мрежи и иницијативи, но и пошироко, ќе ни помогнат да споделуваме ресурси, да креираме заеднички проекти и да изградиме хабови за иновации кои ќе го забрзаат економскиот и општествениот развој на сите нас“, рече Јаневска.
Во следниот период претстои сумирање на сугестиите и предлозите, како и нивно преточување во приоритети и конкретни мерки кои ќе го придвижат регионот кон поголема мобилност, соработка и иновации.






