Јаневска најави воведување дуален концепт и во високото образование.
Со новиот закон, како што објасни, првпат се предвидени втор и трет циклус стручни студии, како и кратки студии за специјализација во одредени професии. Како што нагласи министерката со академското дуално образование ќе бидат опфатени главно техничките струки.
Според министерката, овој принцип на школување се воведува и на факултетите, не само зашто тоа го бараат некои од нив и бизнис-заедницата, туку и затоа што дуалното образование, како модел, дало одличен резултат во средните стручни училишта.
Првиот циклус стручни студии трае три години и носи 180 кредити.
Досега, додаде, можност да учат во реална работна средина и теоретските знаења да ги дополнуваат со трајни вештини, имаа само средношколците.
„Следниот чекор е продолжување на дуалниот концепт и во високото образование. Факт е дека дуалното стручно образование е наш успешен образовен модел што го градиме последниве неколку години и дава одлични резултати. Тие се мерат со сé поголемиот број ученици кои го бираат, како и со постојаниот раст на компаниите кои се вклучуваат, што е разбирливо, зашто е најдобар начин да добијат млад кадар што сами го обучиле, потенцира министерката, нагласувајќи дека и во новиот конкурс за упис во средно образование, за учебната 2026/2027, фокусот ќе биде на дуалното образование, а постојните и новите профили ќе бидат димензионирани во договор со локалните самоуправи и компаниите.
Таа очекува истиот успех да се постигне и во високото образование, со стручните студии.
„Академската заедница е подготвена да воведе студиски програми кои ќе бидат продолжение на средното дуално образование, како и интердисциплинарни студии со странски универзитети, студентска размена и заеднички проекти. Со новиот Закон за високо образование ова и системски се уредува. Зад сé ова што го говорам, стои одлучноста на Владата и мојата лична решеност да им помогнеме на младите да добијат квалитетно образование и да заврши времето кога нив ги гледавме само како потенцијал што не успевавме овде, во земјата, да го искористиме. Учење низ пракса, можности доколку сакаат после средното образование да работат, проодност кон високото образование за оние што сакаат да продолжат да се надградуваат, сето ова е градено според најдобрите европски практики и верувам дека младите ќе бидат успешни и задоволни овде, во својата држава, каде нивната енергија, креативност и труд се потребни и вредни, порача Јаневска.
Пред неа се обрати и претседателот на Комората, Бранко Азески, напоменувајќи дека дуалниот концепт е симбиоза меѓу бизнисот, неговите потреби за кадар и образованието.






