На прашањето дали ќе прифати ако и предложат таква позиција, Јаневска кажа дека е рано да се размислува за такво нешто.
„Сосема е рано да се размислува за такво нешто, ќе кажат тие што се одговорни, кога ќе дојде тој момент, тогаш ќе разговараме“, истакна Јаневска.
Таа изјавата на Билал Касами дека е можно секторот здравство да го добие ВМРО-ДПМНЕ ја слушнала од медиумите.
„Како министер за образование имам толку многу работа да досработам што навистина не мислам, ниту сум вклучена во тие преговори и повторно ќе кажам, има одговорно лице кое ќе каже како треба да биде“, подвлече министерката.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат досега не е разговарано за размена на ресори по напуштањето на Алијанса за Албанците од Владата.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечер ќе одржи седница на Извршниот комитет на која ќе се разговара за напуштањето на Алијанса за Албанците од владината коалиција.
„Демантираме дека досега било разговарано за каква било размена на министерства или ресори, или за тоа кој ќе го преземе Министерството за здравство. Тоа не е вистина“, изјави Валентин Манасиевски, член на Централениот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
За Арбен Таравари, рече дека „не може некој да смета дека може да биде дел од Владата, а притоа да седи во прегратките на криминалот СДСМ и ДУИ“.
„Што се однесува до самиот Таравари, би сакале да го истакнеме следново, а тоа е дека од оние активни учесници во Владата може да се дознае дека господинот Арбен Таравари навистина бил активен учесник на овие состаноци. Но, на тие состаноци, господинот Таравари никогаш не разговарал за Законот за јазици, никогаш не разговарал за законско регулирање на балансерот. Не зборувал ниту некогаш некој го слушнал да зборува за ЕУ интеграциите, дека се блокирани поради наследениот спор со Бугарија, создаден токму од оние во чии прегратки сега оди. Но, знаеме дека се интересирал за концесионерот на паркинзи на Клинички центар Ѓока, затоа што е исфрлен од игра. Живо се интересирал за господинот Артан Груби, за господинот Зоран Заев и за нивните бизниси, и важни прашања за ДУИ“, рече Манасиевски, на новинарско прашање по прес-конференцијата во партиското седиште.
Од Владата пак денеска соопшитја дека реконструкција нема да има туку ќе има само смена на министри.
Алијанса за Албанците во Владата има две министерски места – за здравство кое го предводи Таравари и вицепремиерско и министерско место за добро владеење на кое сега е Арбен Фетаи. Во Парламентот, партијата има шестмина пратеници.
Засега сѐ уште не се знае како ќе се одвива смената на министрите, дали и кој од АА ќе поднесе оставка или Владата ќе ги разреши министрите и други функционери од крилото на АА. Исто така е неизвесно колкумина од шестмината пратеници на АА ќе останат со Таравари.
Од Владата за МИА не ги потврдуваат информациите дека може да дојде до смена на ресорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, како што синоќа навести еден од лидерите на коалицијата Вреди, Билал Касами. Во однос на бројот на пратениците, лидерот на Беса рече дека наскоро, можеби уште во текот на оваа недела, ќе се зголеми бројот на пратеници кои ќе мигрираат во владејачкото мнозинство.
„Можам да гарантирам дека веќе сме во сериозни преговори со повеќе пратеници и од албанската опозиција и од другите членови на другите заедници кои се дел од сегашниот Европски фронт“, рече Касами.
Алијанса за Албанците вчера по состанокот во Тетово објави дека излегува од Владата и оди во опозиција.