Јанев им порачал на граѓаните на Тетово и регионот „да знаат дека полицијата е целосно мобилизирана и посветена“ и дека „се преземаат активности за да се гарантира и испорача безбедноста“.

„Нема да дозволиме стравот и насилството на поединци да ја нарушат секојдневната сигурност и мирот во заедницата. Истовремено, на сторителите и сите кои мислат дека со оружје можат да решаваат спорови и несогласувања, им порачувам дека ќе бидат пронајдени, изведени пред лицето на правдата и санкционирани. Полицијата ги стави во функција сите потребни служби со цел да бидат фатени сите инволвирани во овој инцидент. Безбедноста е наша заедничка вредност“, истакнал директорот на БЈБ.
Тој ги повикал сите граѓани на Тетово и насекаде низ државата да соработуваат со полицијата, да пријавуваат информации за „заедно да изградиме средина во која нема место за криминал и насилство“.

„Само заедно можеме да се спротивставиме на поединците и групите кои не споделуваат исти вредности со нас чесните. Македонија и сите граѓани заслужуваат мир и спокој, а полицијата е тука за да го испорача“, истакнал Јанев.
Од СВР Тетово попладнево информираа дека во врска со вчерашната вооружена престрелка лишени од слобода се три лица.
„Во врска со вчерашната вооружена престрелка во Тетово, ве известуваме дека лишени од слобода се три лица. При претрес на повеќе локации во село Гајре, тетовско пронајдени се предмети кои се од интерес на истрагата. Се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот и пронаоѓање на предмети и други лица кои биле инволвирани во престрелката“, информираше СВР Тетово.






