„Откривме мрежа составена од поединци кои со години ја злоупотребувале јавната служба, без грам морал и достоинство. Со фалсификување документи, дијагнози, мислења и вештачења, овозможувале лица кои не ги исполнувале условите да добијат државна помош“, вели Јанев.
Според информациите од БЈБ, овие лица овозможувале незаконски пристап до парични средства за туѓа нега и инвалидски пензии, при што биле потрошени значајни средства од буџетот, кој се полни преку трудот и даноците на граѓаните.
„Парите кои требаше да завршат кај вистински загрозените категории на граѓани, завршувале кај измамници и членови на оваа мрежа кои се збогатувале на наша сметка. Ова е неприфатливо“, додаде тој.
„Задача и должност ни е да ја вратиме довербата во институциите и честа на системот!
Реализиравме нов случај на незаконско, коруптивно и несовесно работење од страна на лица од здравствениот сектор и други приватни дејности.
Откривме мрежа составена од поединци кои со години ја злоупотребувале јавната служба, без морал и достоинство, преку фалсификување документи, дијагнози, мислења и вештачења. На тој начин, овозможиле луѓе кои не ги исполнувале условите да добијат државна помош – било тоа за исплата на парични средства за туѓа нега или инвалидска пензија.
Без никаква емпатија кон вистински загрозените категории на граѓани со реални проблеми и исправна документација, овие лица ги злоупотребувале јавните фондови. Парите од буџетот на државата, кои се генерирани преку трудот и даноците на чесните граѓани на Македонија, завршиле во раце на оние кои не ги заслужувале, додека самите членови на мрежата се збогатувале на штета на сите нас.
Како прв човек на БЈБ, заедно со мојот тим и со сите чесни полициски службеници, продолжуваме да се бориме против секаков вид на криминал кој ја разединува државата одвнатре.
Нашата порака е едноставна и јасна: криминалот не е исплатлив. Секој оној што ќе се огреши ќе одговара пред правдата. Ќе продолжиме да ја чистиме државата од овие штетни појави и ќе обезбедиме сигурна и правична иднина за сите“, напиша Јанев на својот фејсбук-профил.
Вчера во координирана акција на ОЈО ГОКК и МВР приведени беа 23 лица, се постапува против вкупно 49 осомничени за серија кривични дела со штета врз државниот буџет. Во повеќе градови во Македонија вчера се спроведуваше голема полициска акција за сузбивање на организиран криминал и корупција во здравствениот систем. Се работи за откривање на долгогодишно незаконско прикажување на лажни дијагнози со кои се овозможувале апликации за добивање и користење на финансиска помош за туѓа нега на лице и за незаконско стекнување и користење на инвалидски пензии.