Јакимовски во писмената изјава вели дека на секои избори некој мора да победи, некој да загуби и дека коректно е на победникот да му се честита и да се признае поразот.
„Ниту признав, ниту му честитав на новиот градоначалник. Зошто? Затоа што борбата не беше витешка, туку кукавичка. Граѓаните на Општина Карпош не заслужуваат нефер игра. Од 2000 година, па наваму, сите избори биле кристално чисти. Еден глас немам уценето, купено или на некого да сум му се заканил. Победите биле чесни и израз на вољата на граѓаните. Поразот од 2017 година истата вечер го признав и му честитав на тогашниот победник Стефан Богоев. Затоа што победија чесно, без далавери“, изјави Јакимовски.
Тој прашува дали може да се зборува за чиста победа „ако се искривува волјата на гласачите“.
„Се собравте цела Влада, најголемите олигарси кои тежат над милијарда, со Фондот за здравство, лекари без достоинство, на платен список на олигархот. Купивте ромски гласови, купивте албански гласови во Нерези, ама таму плативте мноогу поскапо, оти ромските души се поевтини, за вас секако. Ги вклучивте сите дилери на дрога кои цел месец ги хранеа консументите на белиот прашак. Ги плативте долговите во кладилниците на сите оние што лебот го вадат од кладење. Само и само да гласаат за сенката на Мицкоски“, тврди Јакимовски.
Тој обвинува дека на гласачи кои би гласале за него им било плаќано по педесет евра за да им биде одземена личната карта на денот на изборите.
„За одземање на лична карта на гласачи кои би гласале за мене плаќавте педесет евра. А на оние што ќе однесат и ќе стават во кутијата гласачко ливче заокружено со број 9 и ќе вратат празно 100 евра. Крадевте ливчиња, правевте бугарски воз, вашите инсталации во избирачките одбори даваа по две ливчиња, а тоа значи да гласа за двајца. Мамеа дека наводно им се утнало под рака двојно ливче. Делевте брашно, уценувавте, се заканувавте…Сите медиуми беа ваши. Имаше две илјади и деветстотини неважечки ливчиња. Ги прогласивте за неважечки сите ливчиња каде што јасно гласачот ја изразил својата воља дека гласа за мене“, обвини Јакимовски.
Тој тврди дека не е вистина дека направил непринципиелна коалиција туку напротив, власта е таа што направила „полујавна непринципиелна коалиција“
„И што постигнавте? Илјада и стотина мизерни ливчиња повеќе. Не ме победивте мене, туку ги надитривте граѓаните на Карпош. Нечесното ќе се памети за секогаш“, се наведува во писмената изјава на Јакимовски.
Според конечните и официјални податоци на Државната изборна комисија, на штотуку завршените локални избори, во вториот круг, за градоначалник на Општина Карпош е избран Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ. Лукровски освои 13.512 гласа наспроти Јакимовски од Коалицијата „Искуство за успех“ кој освои 12.378 гласа.






