„До денеска Општина Карпош има приходи од 700 милиони денари, а до крајот на годината ќе има скоро 800 милиони денари. Или, сум презел општина со 6 милиони евра приход и 6,5 милиони евра долг, а денес оставам општина со 13 милиони евра приход. Она што е најважно, приходите на општината се качени во четиригодишен мандат кој важи за период на дезинвестирање“, рече Јакимовски.
На прес-конференцијата тој кажа дека во моментот во Карпош се гради само една висококатница и два објекта во Момин Поток и три помали објекти од пет ката.
„За разлика од нас, има општини во кои во моментот се градат над 80 станбени згради повисоки од шест ката. Ова само покажува колку сме биле вешти во менаџирањето на приходите и како општина Карпош, со покачување на даночните приходи успеа да ја стабилизира општината и од истата да направи самоодржлив проект“, рече Јакимовски.
Како што кажа на 4 ноември 2021 година не наследил ниту еден сериозен инфраструктурен проект, а денес на 7 ноември остава 4 проекти во тек, 12 проекти за кои се склучени договори и воведени во работа и фирмите воведени во работа, 4 проекти за кои течат тендерски постапки и уште 6 проекти одобрени од Владата со вкупна вредност над 9,5 милиони евра. Покрај ова, во фаза на изработка, нарачани се уште 10 инфраструктурни проекти, меѓу кои и катна гаража за Карпош 1.
На 4 ноември, 2021 година, кога стапил на функцијата од неговиот претходник наследил 330 милиони денари блокирана сметка и уште една блокада од УЈП на 39 милиони денари, или вкупна блокада на 369 милиони денари.
„Да потсетам, Буџетот на Општина Карпош во 2020 година бил 363 милиони, или толку биле вкупните приходи“, рече Јакимовски на неговата последна прес-конференција како градоначалник на Карпош.






