„Основниот суд Скопје 2 соопштува дека лицето Асмир Јахоски роден на 19.10.1984 година со адреса село Пласница не поднело барање до Граѓанскиот суд за старателство над своите деца. Според информациите дадени согласно оперативниот систем АКМИС кој се користи во работата на судовите, откриен е само еден случај П1 бр. 3081/12 за лицето Асмир Јахоски за долг кон него од лицето Т.Ц., предмет за кој имаше решение на 3.04.2013 година“, велат од Граѓанскиот суд.
Јахоски и уште 12 други се осомничени во случајот „Мазут“ за криминал вреден 167 милиони евра.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска информираше дека поднело жалба за определениот куќен притвор на сопственикот на компанијата Пуцко Петрол, осомничен за криминал вреден 167 милиони евра. ОЈО ГОКК и Кривичен вчера се скараа кој го пушти во куќен, наместо во ефективен притвор Јахоски, газдата на Пуцко петрол. На 20 декември 2019 година МКД.мк објави текст за тоа како компанијата РКМ Скопје во Македонија во повеќе наврати увезла цистерни на смеса на мазут со употребено масло од трансформатори од Хрватска, кое претставува опасен отпад. Ова за редакцијата тогаш го потврдија хрватските власти, но не и македонската царина која ни одговори дека „нема основа за сомневање за увоз на материи штетни за здравјето“.






