Во моментов повеќе од два милиони тони или 40% од потребите за РЕК Битола се увезуваат. Дневно во Битола од Грција влегуваат 200 камиони со јаглен. На краток и на среден рок ова се оценува како економски неприфатливо и неодржливо решение.
„Деталните и долгогодишни геолошки истражувања потврдуваат значителни резерви на висококвалитетен јаглен на таа локација во непосредна близина на ТЕ Битола. Врз основа на овие испитувања, изработена е обемна рударско-техничка документација која ја потврдува техничката изводливост и економската оправданост за отворање на современ рудник. Во услови на високи цени на електричната енергија на меѓународните берзи, обезбедувањето стабилно и економски исплатливо домашно производство на краток рок е врвен национален приоритет. Соочувајќи се со предизвиците во снабдувањето со јаглен од постојните извори и компликациите поврзани со увозот, потребата за ефикасно, ефтино и еколошки поприфатливо решение од домашни извори станува клучна за стабилен енергетски систем. Во актуелниот контекст на високи цени на енергијата во регионот и Европа, гарантираното домашно производство е императив за одржливо производство на енергија од базни извори“, велат од ЕСМ.
Во првиот квартал од годинава цената за мегаватчас е намалена на 82 евра, која и натаму е повисока од регулираната цена на ЕСМ од 62 евра за мегаватчас, по која се продава електрична енергија на ЕВН Хоум.
Од ЕСМ потенцираат дека отворањето на рудникот Живојно ќе биде клучен фактор за дополнително намалување на производствената цена во РЕК Битола. Новото раководство на компанијата затекна висока зависност од увоз на јаглен.
Јавната расправа за отворањето на овој нов рудник веќе почна. Се чекаат забелешките на студијата за влијанието на животната средина.
Обезбедувањето јаглен од локални извори како Живојно, кои ќе ги задоволува потребите на РЕК Битола е логичен и стратешки чекор за непречено производство на електрична енергија до целосниот премин кон зелено сценарио. Експлоатацијата ќе овозможи економски исплатлив транспорт и понизок јаглероден отпечаток во споредба со увозот. Воедно, тоа ќе ѝ овозможи на компанијата и целосна финансиска консолидација, која на среден и долг рок ќе овозможи значајни средства за инвестиции во нови проекти од обновливи извори, како и во еколошки средства и мерки за унапредување на квалитетот на непосредната животна средина, подвлекуваат од АД ЕСМ.
А.Д.