Таа во својата објава потврдува дека навистина не е познат авторот на кирилицата.
„Нашата најугледна палеославистка проф. д-р Радмила Угринова-Скаловска, од првата генерација студенти на акад. Блаже Конески, во учебникот по Старословенски јазик, од 1977 на стр. 24, во рамките на лекцијата за старословенското писмо вели: ‘Ако се прифати претпоставката, тргнувајќи од нејзината старина, дека глаголицата ја составил Константин-Кирил, останува нерешено прашањето кој ја составил кирилицата. Во славистичката наука се правеле и сè уште се прават различни претпоставки за нејзиниот автор: дека ја составил Методија, Климент, Црноризец Храбар, цар Симеон и др. Најверојатен е фактот дека таа најнапред се појавила во источна Бугарија, во книжевниот круг во Преслав, престолнината на тогашното бугарско царство, најмногу педесетина години по изнаоѓањето на глаголицата. На тоа особено укажуваат натписите со грчко, односно кирилско писмо („без устроенија“ како што вели Црноризец Храбар), изнајдени во поново време при археолошките ископувања во Преслав во тркалезната црква на Симеон, во кои за специфичните словенски гласови се употребени знаци од глаголицата, а за оние што ги има и во грчкиот гласовен систем, букви од грчкото уставно писмо“, објаснува професорката Јачева-Улчар.
Според Јачева-Улчар, обете азбуки имаат повеќе заеднички црти, што се објаснува со фактот дека во основата и на едната, и на другата лежи грчко писмо: на кирилицата иницијално (унцијално, уставно), а на глаголицата минускулно.

„Најважна е сличноста помеѓу двете азбуки во начинот на пренесувањето на словенските гласови. За глаголицата изворот за тие букви е јасен, а кирилицата ја следи во тој поглед. Ако се споредат тие букви, ќе се види дека сличност постои, макар што се модифицирани.“, вели професорката, која препорачува за оние што сакаат да знаат повеќе за азбуките и писмото да ја консултираат книгата „Појава и развој на писмото“ од акад. Петар Хр. Илиевски во издание на Македонската академија на науките и уметностите.“






