Тој потсети дека аплицирањето за електронски изводи од матичните книги на родените, венчаните, умрените и потврдата за слободна брачна состојба се достапни на електронскиот портал uslugi.gov.mk, што значи дека и аплицирањето на порталот и добивањето на услугата се целосно електронски, а документот го добивате и во своето електронско поштенско сандаче, нешто што го промовиравме во декември минатата година, а го добивате и на својата мејл-адреса, па потоа може да го испечатите ако сакате – .
Во однос на обврската да се испечати, Андоновски, вели дека, за жал, повеќето од законите бараат извод од матична книга што институциите сметаат дека треба да биде печатен документ.
„Токму во оваа насока се измените, кои се прават на секој од поединечните закони, каде што се вели дека, освен електронски извод, може да ја добиете таа потврда и по службена должност, нешто што, на пример, Министерството за внатрешни работи го користи за издавање лиценци или дозволи за оружје. Тие по автоматизам или по службена должност сами ги прибират податоците за државјанство, за извод од Матичната книга на родените и потврда за неосудуваност од страна на судовите. Се надевам во оваа насока ќе се придвижат и другите институции. Мое е да кажам дека можноста постои, а задачата на секоја од институција е тоа да го реализира“, изјави Андоновски.
Андоновски, одговарајќи на новинарски прашања, на промоцијата на трите нови услуги на портаолот со Државниот завод за статистика рече дека во Министерството за дигитална трансформација потпишале договор со двата репрезентативни синдиката и дека сите 180 лица ќе добијат покачување на мартовската плата.
– Јас вчера ја потпишав, и сега со додатоците од седум отсто, и а ако се соберат додатоците до 2028 година, станува збор за повеќе од 25 до 30 отсто зголемување на платата. Се надевам дека вработените во Министерството за дигитална трансформација ќе бидат задоволни со ова покачување“, изјави Андоновски.
Инаку, според порталот uslugi.gov.mk најкористените услуги од граѓаните, освен издавање извод од матична книга на родените, се и барање за издавање на одобрение за набавување на оружје за физичко лице, издавање на потврда од казнена евиденција за физички лица и издавање на уверение за регистрираните податоци во матична евиденција за стажот на осигурување, остварените плати и надоместоци.
Андоновски уште кажа дека образец за дипломирани студенти на додипломски студии на факултетите и високите стручни школи, образец за лица кои се стекнале со назив магистер/специјалист и образец за лица доктори на науки кои одбраниле докторски труд се трите нови електронски услуги достапни на националниот портал е-услуги.
„Со овие три услуги целосно се затвора пакетот услуги за високото образование. Со ова се олеснува начинот на запишување и студирање на сите три циклус стдуии на факултетите. Наша задача е да ја обезбедиме платформата, а институциите како ДЗС покажуваат колку таа може да биде корисна“, изјави Андоновски.
Со новата услуга, рече министерот, времето на пополнување од 10 минути за студентите, се намалува на минута до две, со оглед дека сега откако ќе се отвори образецот веќе е предпополнет со податоци кои се достапни во базите на податоци.
Порталот за електронски услуги нагласи Андоновски, е веќе стабилизиран на бројка од 10 илјади услуги кои се даваат на граѓаните на месечно ниво, што е раст од 10 пати.
Андоновски денеска уште информираше дека секој електронски потпис издаден во Македонија ќе биде признаен како целосно валиден во Црна Гора и, обратно, секој електронски потпис издаден од кој било издавач во Црна Гора ќе биде еднакво валиден во Македонија. Тој најави дека во јуни ќе биде потпишан договор за меѓусебно прифаќање на електронските потписи меѓу Црна Гора и Македонија.
„Имавме квалитетни два дена разговори со претставници од Црна Гора и тоа го подготвувам за самитот за кибербезбедност во Париз, на 1 и 2 јуни, каде што ќе потпишеме договор за меѓусебно прифаќање на електронските потписи меѓу Црна Гора и Македонија. Тоа ќе значи големо олеснување за трансферот на работата и за бизнис-активностите на македонските и црногорските компании“, изјави Андоновски.
Договорот, според Андоновски, ќе овозможи големо олеснување на комуникацијата меѓу двете држави и ќе помогне за подобрување на економските односи.






