Додека истрагата за трагедијата во Кран Монтана се продлабочува, фокусот на обвинителството во кантонот Вале се префрла од сопствениците кон градежните фирми и инженерите. Прецизната реконструкција на секое реновирање открива дека зад секој пламен стои конкретно име на фирма, несоодветен материјал и потпис на надзорен орган кој дозволил објектот да стане смртоносна стапица.
Месец дена по кобната новогодишна ноќ во барот „Ла Констеласион“ (Le Constellation) во Кран Монтана, швајцарските истражители повеќе не се прашуваат само што се случило, туку кој точно дозволил тоа да биде можно. Истрагата веќе не е само за сопствениците Жак и Џесика Морети; таа сега влегува во фаза на детална анализа на градежната историја на објектот, ставајќи ги под лупа изведувачите на последното реновирање.
Клучниот правец на истрагата е утврдувањето на видот на изолацијата поставена на таванот, која се запали по употребата на пиротехника. Еве што за ова пишува порталот Ansa: „Објектот бил во фаза на реновирање по промената на сопственоста, откако неодамна беше купен од семејството Морети… Истрагата е на клучна точка, со можност за проширување кон изведувачите на зафатите. Се истражуваат материјалите користени при ова реновирање, кои веројатно не соодветствувале со безбедносните стандарди за заштита од пожари.“
Овој технички аспект е пресуден. Швајцарскиот модел на истражување не бара апстрактна одговорност; тој бара одговор на прашањето: Која градежна фирма ја поставила полиуретанската пена? Дали изведувачот ги предупредил сопствениците за ризикот, или свесно користел евтини материјали за да го зголеми својот профит? Дали сопственикот свесно нарачал од тој материјал за да си ги намали трошоците?
Сериозноста на случајот ја потврдува и невообичаено брзата меѓународна правна соработка. Францускиот весник Le Figaro, во текстот со наслов „Fire in Crans-Montana: Legal assistance granted to Italy“ објавен на 31 јануари, открива дека италијанските власти веќе имаат пристап до досието: „Јавното обвинителство во кантонот Вале… одобри взаемна правна помош на Италија, што ќе им овозможи на италијанските истражители пристап до доказите. Италија со тоа стана првата и досега единствена странска земја на која ѝ е доделена ваква помош… Рим побара формирање на заеднички тим истражители.“
Овој потег е директно поврзан со потребата да се проверат техничките сертификати на материјалите и лиценците на компаниите кои го вршеле реновирањето, бидејќи сомнежите водат кон тоа дека стандардите за безбедност биле жртвувани пред олтарот на брзиот профит.
Новинари во Швајцарија веќе открија дека постоеле гласови на разумот кои биле замолчувани. Веќе е познато сведоштвото на вработен во службата за противпожарна безбедност кој предупредувал дека патеките за евакуација биле стеснети и дека помошната врата била блокирана. Овој сведок е клучен за поврзувањето на менаџерските одлуки на сопствениците со физичките зафати на изведувачите.
Секој чекор во реновирањето – од изборот на изолација до заклучувањето на излезот – е детално документиран како свесна одлука која води кон трагедија.
Додека швајцарската јавност секојдневно чита за градежните норми, сертификатите за запаливост и одговорноста на надзорните инженери, во Македонија, околу трагедијата во Кочани, владее заглушувачки молк во овој сегмент.
Во обемниот обвинителен акт за пожарот во дискотеката „Пулс“, каде се обвинети дури 35 лица, фокусот е разводнет на политичко-административни пропусти кои датираат уште од 2012 година. Сепак, јавноста до ден-денес не слушна: која градежна фирма го реновираше објектот кој претходно бил магацин за теписони, какви материјали беа поставени на плафонската конструкција која се запали за неколку секунди или кој надзорен инженер стави потпис дека објектот е безбеден за масовни собири.
Во македонската истрага, овие клучни прашања се заобиколени. Нема изведувачи на обвинителната клупа. Нема форензика на градежните материјали која би лоцирала индивидуална одговорност на инженерите. Наместо тоа, добивме „колективна вина“ на цел систем, што во правна смисла е најопасниот пат – пат кој води кон разводнување на доказите и можно застарување на делата.
Швајцарија ни покажува дека патот до правдата не е во бројноста на обвинетите, туку во прецизноста на обвинението. Тие не ги обвинуваат сите градоначалници во последните 15 години, туку ги бараат тие што го извеле реновирањето и тие што направиле надзор над тоа реновирање.
Разликата е суштинска: во Кран Монтана се бара причината за пожарот во градежниот материјал, додека во Македонија се бара виновникот во административните архиви. За семејствата на загинатите во Кочани, фактот што за реновирањата не слушнавме, ниту прочитавме во истрагата, останува горчлив доказ за слабоста на нашиот правосуден систем во споредба со европските стандарди кои наводно ги стремиме.
Р.Ф.
(Во серија текстови ќе се обидеме да дадеме паралела за трагедиите во Кочани и во Кран Монтана и начинот на кој швајцарските и македонските институции ја водат истрагата. За разликите во одговорот на институциите и поинаквото разбирање на концептот на одговорност со акцент на индивидуалната вина и конкретните дејства, наместо широка и генерализирана системска одговорност, како во случајот во Македонија.)
Сведоштвото на клучниот сведок: „Предупредував, но не бев слушнат“
Кој е Жак Морети, сопственикот на објектот во кој згаснаа десетици млади животи?






