Со овој настан беше означено почнувањето на БорПрес2 – фазата на проектот, кој на крај има цел да воспостави нов граничен премин помеѓу Маркова Нога (Македонија) и Лемос (Грција), соопшти МВР. Во проектот вреден над 7,7 милиони евра, 80 отсто финансиран преку ИПА 3-програмата на Европската Унија, планирано е реновирање на постојната полициска станица од македонска страна, изградба на нова зграда за царинска и полициска контрола на страната на Грција и развој на прекуграничната пешачка патека помеѓу селата Брајчино и Агиос Германос со цел промоција на екотуризмот. Партнери во проектот се министерствата за внатрешни работи на Македонија и Грција, регионот Западна Македонија во Грција и општините Ресен и Преспа.
„Денес го одбележуваме почетокот на проектот БорПрес2 и се поставуваат темелите за идното отворање на граничниот премин Маркова Нога / Лемос. Со текот на годините, односот меѓу нашите земји стана посилен – врз основа на меѓусебно почитување, практична соработка и продлабочено чувство за заедничка судбина. Овој нов граничен премин е моќен израз на тој однос. Тоа е конкретна демонстрација на политичка волја, техничка способност и нашето заедничко разбирање дека во денешна Европа, границите треба да поврзуваат, а не да разделуваат“, потенцираше министерот Тошковски.
Тој образложи дека овој напредок не би бил можен без непоколебливата поддршка од ЕУ преку инструментот за пристапна помош – ИПА и Програмата за прекуграничната соработка кои го овозможија потребното финансирање, техничка експертиза и можноста да црпиме сила од колективната европска цел во која поврзаноста, соработка и интеграцијата се витални столбови на мирот и просперитетот.
„Силата на Европа лежи во нејзиното единство и во мостовите што ги градиме преку границите – а не во ѕидовите што ги подигаме меѓу нас. Преку проектот БорПрес2, ја претвораме таа цел во практично, мерливо влијание. Овој проект е доказ дека европската интеграција не е далечна аспирација – тоа е жив процес, вкоренет во опипливи резултати: подобри патишта, безбедни граници и подобрен квалитет на живот за граѓаните на кои им служиме“, потенцираше Тошковски.
Проектот започна на 14 февруари 2025 година и е планирано да трае 36 месеци, со завршување на 13 февруари 2028 година.
Министерот Тошковски, како што соопшти МВР, остварил и билатерална средба со министерот Теодорот Ливаниос на која се разговарало за меѓусебната соработка, можно решение за побрз проток на патници и стоки на граничниот премин Богородица – Евзони. Министрите изразиле посветеност на понатамошното градење мостови на соработка кои ќе ги поврзуваат луѓето, нациите и економската и културна соработка.