вторник, 16 декември 2025

Изгласана потребата од носење предлог закон за Судски совет

Со мнозинство гласови, пратениците во Собранието денеска ја изгласаа потребата од носење предлог-закон за Судски совет, кој се проследува на второ читање.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање рече дека со овој закон е започната нова ера на работа и функционирање, во која што секој важен и суштински закон за граѓаните на Република Македонија ќе се изготвува низ отворен, јавен и транспарентен процес.

„Законот предвидува значајни новини, меѓу кои јавност во постапката за разрешување на претседателот на Судскиот совет, прецизирање на критериумите за избор на истакнат правник, воведување јавна расправа при избор на кандидати за несудски членови, зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членовите од редот на судиите, како и јасно дефинирана постапка за дисциплинска одговорност на судиите и членовите на Советот“, рече министерот Филков.

Тој нагласи дека со овие измени се надминуваат системските недостатоци и правните празнини, а се исполнуваат препораките на ЕУ за зајакнување на интегритетот на судската власт.

Покрај ова, на денешната седница Собранието усвои предлог за именување на Пранавера Сума за член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

Донесена беше и одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија во меѓународната операција на ООН „УНИФИЛ“ во Либан, а во прво читање беше разгледан и Предлог-законот за дополнување на Законот за јавните патишта, кој беше даден на понатамошно читање.

Собранието донесе и одлука за изменување на Одлуката за продолжување на рокот на кризна состојба на дел од територијата на државата поради зголемен ризик од транзит на мигранти.

Според информациите од заменик-претседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, седницата продолжува утре.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ