„Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарите кај Старо Нагоричане и село Брезница. Хеликоптерот Бел 412 во 5 часот заедно со екипа од Црвениот крст, која постави базен за полнење на вода, дејствуваа врз пожарот во Старо Нагоричине. По 19 циклуси и исфрлени 28 тони вода, пожарот е изгасен. По ова, хеликоптерот Бел 412 заедно со хеликоптерот Ми-171 дејствуваа врз пожарот во реонот на селото Брезница, Јасен. Врз овој пожар хеликоптерите Бел-412 и Ми-171 заедно во 45 циклуси исфрлија 120 тони вода“, соопшти МВР.

Кризната состојба со пожарите на отворено кои зафатија делови од државата ќе биде разгледана на седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи што ќе се одржи утре наутро во Центарот за управување со кризи.
ЦУК известува дека со седницата ќе раководи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и ќе присуствуваат членовите на Комитетот: Александар Николоски – вицепремиер и министер за транспорт и врски, Тимчо Муцунски – министер за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски – министер за одбрана и Арбен Таравари – министер за здравство, како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности – Стојанче Ангелов.

На седницата ќе присуствуваат и Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, и Здравко Трајанов, директор на ЈП Национални шуми.






